Земјите членки на Европската унија разгледуваат можност поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, или поранешната германска канцеларка Ангела Меркел да ја претставуваат Унијата во евентуални преговори со рускиот претседател Владимир Путин, објави „Фајненшл тајмс“.
Според извештајот, министрите за надворешни работи на ЕУ за ова прашање ќе разговараат на состанокот што следната недела ќе се одржи на Кипар.
Европските лидери, како што се наведува, го отфрлиле предлогот поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде претставник на Унијата во евентуални разговори со Москва.
Иницијативата доаѓа откако Путин сигнализираше подготвеност за разговори за нови безбедносни аранжмани во Европа, иако дел од министрите за надворешни работи на ЕУ остануваат скептични дека Москва е подготвена искрено да преговара за мир и безбедност.
Од почетокот на руската воена интервенција во Украина во 2022 година, Европската унија води политика на политичка и дипломатска изолација на Русија, воведувајќи санкции и ограничувајќи ги контактите на високо ниво.
Сепак, поради бавниот напредок на мировните напори предводени од САД и фокусот на Вашингтон на кризата на Блискиот Исток, дел од европските функционери сметаат дека ЕУ треба да размисли за директни разговори со Москва преку специјален пратеник.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, неодамна изјави дека Унијата се подготвува за „потенцијални“ разговори со Путин кога ќе дојде „вистинскиот момент“.
































