Синдикалната минимална кошница за мај изнесува 68.743 денари, што е за 54 денари помалку во споредба со април, кога изнесуваше 68.797 денари, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според пресметките на ССМ, доколку се вклучи и изнајмен стан од 60 квадратни метри, вредноста на синдикалната минимална кошница за мај достигнува 84.117 денари.
Најголем дел од месечните трошоци и натаму отпаѓаат на храна и пијалаци, за што во мај биле потребни 25.475 денари.
За образование биле издвоени 7.192 денари, за облека и обувки 6.334 денари, додека за станарина, вода, електрична енергија и греење биле потребни 6.338 денари.
Трошоците за транспорт во мај изнесувале 5.041 денар, а останатите средства се распределени за останатите основни потреби на едно четиричлено домаќинство, според методологијата на ССМ.

































