„Кога децата ќе ги загубат своите домови, тие губат речиси сè: нивниот пристап до здравствена заштита, образование, храна и безбедност“, рече портпаролот на организацијата

Загрижувачки податоци објавени во новата анализа на невладината организација „Спасете ги децата“

Повеќе од 10 милиони деца беа принудени да ги напуштат своите домови минатата година во 10-те најголеми кризи во светот, според новата анализа на невладината организација „Спасете ги децата“.
Бројот на раселени деца сега е повеќе од 50 милиони на глобално ниво – што е највисока бројка досега, а за динамиката на овој процес доволно зборува податокот дека бројките се повеќе од двојно зголемени во однос на 2010 година.
Невладината организација откри дека дополнителни 29.000 деца дневно минатата година биле раселени во нивната сопствена земја или принудени да побегнат во друга.
Младите лица под 18 години во Судан и Сомалија беа најпогодени од раселувањето.
– Раселеното дете најверојатно било сведок на насилство или уништување што ниедно дете не треба да го види, пред да мора да остави зад себе сè што знае. Кога децата ги губат своите домови, тие губат речиси сè: нивниот пристап до здравствена заштита, образование, храна и безбедност – рече портпаролот на „Спасете ги децата“.
Според невладината организација, раселените деца обично доживеале екстремно насилство.
Откако ќе бидат искорнати од нивните домови и заедници, тие се изложени на зголемен ризик од сексуално и физичко насилство, велат од „Бетр кер нетворк“, меѓународна организација за поддршка на децата без соодветна семејна грижа. Како бегалците или другите раселени лица, тие може да доживеат тешка сиромаштија, злоупотреба, експлоатација и психосоцијална неволја, се додава во нивниот извештај.
На крајот на 2023 година, процентот на раселеното население во Газа за само 10 недели беше еден од највисоките регистрирани на глобално ниво. Децата во Газа – каде што околу половина од населението е под 18 години – се особено ранливи поради брзината на раселувањето.
Со овие најнови бројки „Спасете ги децата“ подвлече дека децата низ светот треба да бидат поддржани. Ним им требаат витални материјали, но и безбедност, образование, засолниште, здравје, место за играње, смеење и учење, велат од невладината организација. Таа ја повикаа меѓународната заедница „да мисли на децата“.