Целта беше првично скенирање на формата, нивото на подготвеност и детектирање на кандидатите за репрезентативци во пресрет на државните првенства и повисокиот ранг на меѓународни настапи, велат од ЏФМ

ЏУДО

Во Битола, во спортската сала на џудо-центарот „Пелистер“, во неделата се одржа првиот еднодневен заеднички џудо-тренинг по возрасни категории, а тренинзите ги водеа селекторите по соодветните старосни категории, Марин Билјановски (помлади пионери), Игор Димитријоски (пионери), Игор Паскоски (кадети), Александар Фузевски (јуниори) и Горан Мицкоски (сениори).
– Целта беше првично скенирање на формата, нивото на подготвеност и детектирање на кандидатите за репрезентативци во пресрет на државните првенства, како и повисокиот ранг на меѓународни настапи – велат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Активноста на џудистите и на стручните лица ја следеше и спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски.
– Овој вид стручни заеднички тренинзи треба во иднина да стане пракса, со цел размена на искуства, кревање на нивото на подготвеност и пред сѐ дружење на нашите спортисти, бидејќи само на тој начин македонското џудо може да се движи во позитивна насока – вели Дејан Мицкоски.
За стручните кадри во неделата немаше пауза помеѓу двата циклуса тренинзи, бидејќи беше одржан и работен состанок на стручниот штаб при ЏФМ (спортски директор, стручен совет и селекторите) заради координација на понатамошните активности на репрезентативно ниво со самиот почеток на натпреварувачката 2024 година. Г.И.