Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се соочува со голем број обвинувања, а најновото во низата е федералното обвинение за кршење на Законот за шпионажа поради „погрешно постапување со доверливи документи“. Трамп негира секаков вид повреда на позитивното право. Но Уставот на САД бара само три работи од претседателските кандидати: да се родени граѓани во државата, да имаат најмалку 35 години и да се жители на САД најмалку 14 години

Најновото обвинение против Доналд Трамп е за намерно задржување доверливи, класифицирани документи за национална одбрана на неговиот имот на Флорида, за елементи на корупција и прикривање документи, заговор за попречување на правдата и за давање лажни изјави. Со ова Трамп стана првиот поранешен претседател во историјата на САД што се соочил со кривични пријави од страна на федералната влада. Обвинението носи сериозни правни последици, вклучувајќи и можност за затвор ако тој биде осуден. Трамп денеска треба да излезе пред Федералниот суд во Мајами.

Во март, окружниот обвинител на Менхетен го обвини Трамп врз основа на државни обвиненија поврзани со парична исплата за молчење на поранешна филмска порноѕвезда во 2016 година. Џек Смит, специјалниот советник што ги координира федералните истраги за обвиненијата за Законот за шпионажа, ги надгледува другите истраги поврзани со Трамп, вклучувајќи ги и оние во врска со смртоносниот напад во зградата на Конгресот на 6 јануари 2021 година.
– Ништо не го спречува Трамп да се кандидира додека е обвинет, па дури и осуден – изјави професорот по право на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, Ричард Хасен.
Уставот на САД бара само три работи од претседателските кандидати: да се родени граѓани
во државата, да имаат најмалку 35 години и да се жители на САД најмалку 14 години.