Николај Денков (лево) ќе ја предводи идната бугарска влада, за која се очекува да се дистанцира од хегемонистичкиот радикализам, газење на принципите на ЕУ и игнорирање на меѓународното право - Фото: ЕПА

Почнува ли во Бугарија расчистувањето со радикалните политички структури

Очигледно на бугарската политичка сцена започнува отворена пресметка со сите радикални националистички и происточни структури, кои сè повеќе ја ставаат земјата на ЕУ-тапет, постепено изолирајќи ја Софија од проевропските трендови и политики на Брисел. Токму претседателот Радев се посочува како еден од тие истурени најрадикални фигури, имајќи ги предвид неговиот „источнички бекграунд“ како воен пилот и обуките од времето на Варшавскиот пакт. А германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оди најдалеку и пишува дека „новата бугарска влада би можела да почне постапка за отповикување на претседателот Радев поради запрената испорака на оружје за Украина, што е прв чекор во отстранувањето на сите луѓе од бугарската политичка сцена што работат спротивно на геостратегиските определби на Бугарија“

Односите меѓу Македонија и Бугарија ја достигнаа најниската точка на соработка од македонската независност, а причините за тоа може да се лоцираат во радикалните бугарски структури, кои се тврдокорни и одработуваат една застарена, анахрона и хегемонистичка агенда, надвор од проевропските трендови и современото меѓународно право. Токму на тие радикални матрици не им одговара земјава забрзано да чекори по европскиот пат, туку посакуваат таа и натаму да остане надвор од европските интегративни процеси и на тој начин полесно да ги наметнат анахроните хегемонистички и асимилаторски политики.
Тоа стана особено забележливо пред падот на последната политичка бугарска влада предводена од Бојко Борисов, која иако потпиша Договор за соработка и пријателство со Македонија во 2017 година, на крајот мораше да попушти пред заканувачките уцени на бугарските радикални структури внатре во Владата и да наметне вето за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ.

По падот на владата на Борисов, диригентската палка на политичката сцена во Бугарија целосно ја презеде бугарскиот претседател Румен Радев, кој повеќе од две години назначуваше технички влади врз кои имаше директно влијание и контрола, особено кога стануваше збор за надворешната политика кон Македонија. Радев беше тој што најпрво инсистираше на наметнување бугарски наратив за македонската историја, но кога заклучи дека тоа не поминува во Европа, почна да игра на проверената карта на загрозени малцински права и слободи. Впрочем, тој и самиот отворено призна дека почнал повеќе да говори за она што ЕУ полесно може да го разбере, почитувањето на човековите права, во случајот, правата на Бугарите во Македонија и нивно внесување во македонскиот Устав.
– Апсурдот е што во улога на спасител од последиците на ветото и рамковната позиција се појави никој друг туку Радев и наметна ново барање, кое го нема во рамковната позиција, а тоа е вклучување на Бугарите во Уставот, кое лично го протурка сам, без одобрение од бугарскиот парламент – вели Андреј Врабчев, бугарски аналитичар и магистер по меѓународна и национална безбедност.

Според него, вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија беше барање што требаше да го прикрие неуспехот на рамковната позиција, која не ги исполнуваше критериумите од Копенхаген, па затоа ова ново барање требало да биде прифатливо за ЕУ и да биде претставено како огромна победа пред бугарското општество, но, како што истакнува Врабчев, има и друг скриен потенцијал, а тоа е да се одржува постојан конфликт меѓу двете земји.

Првата политичка влада по две и пол години може да му пресуди на радикалниот Радев

Сега, по две и пол години политичка неизвесност и автократско владеење на Радев, Бугарија конечно доби политичка влада предводена од академикот Николај Денков, кој беше предлог на партијата Продолжуваме со промените на поранешниот премиер Кирил Петков. Иако беа лути ривали со Петков, во Владата учествува и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Коалицискиот договор беше постигнат преку решение за ротациски премиер. Во првите девет месеци Владата ќе ја предводи Денков, чии приоритети се влез во шенген-зоната и реформа на правосудството. Во вторите девет месеци, премиер ќе биде предлогот на Борисов, доскорешната еврокомесарка Марија Габриел. И обајцата главниот фокус во работењето го ставаат на реалните проблеми што ја оптоваруваат Бугарија, наместо како досега, Македонија да биде темата околу која ќе се кршат копјата и ќе се печалат изборни поени.

Очигледно на бугарската политичка сцена започнува отворена пресметка со сите радикални националистички и происточни структури, кои сè повеќе ја ставаат земјата на ЕУ-тапет, постепено изолирајќи ја Софија од проевропските трендови и политики на Брисел. Токму претседателот Радев се посочува како еден од тие истурени најрадикални фигури, имајќи ги предвид неговиот „источнички бекграунд“ како воен пилот и обуките од времето на Варшавскиот пакт.

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека новата бугарска влада би можела да почне постапка за отповикување на претседателот Радев поради запрената испорака на оружје за Украина, што е прв чекор во отстранувањето на сите луѓе од бугарската политичка сцена што работат спротивно на геостратегиските определби на Бугарија. Неопходното двотретинско мнозинство во бугарскиот парламент за тој потег веќе постои, а потоа во рок од еден месец ќе треба да се изјасни и Уставниот суд на Бугарија. Доколку судот пресуди дека претседателот го прекршил Уставот или извршил велепредавство, тој ќе биде отповикан.

Нова шанса за ставање на македонско-бугарските односи во меѓународноправен колосек

Евентуалниот импичмент на Радев, ако дојде до него, отвора простор новата бугарска влада да започне процес на нормализација на односите со Македонија во рамките на утврдените правила и во согласност со меѓународното право, без туторство и диктат од претседателот на државата, кој досега техничките влади ги користеше како главна алатка за блокада на земјава и наметнување услови што за никого не се прифатливи.
– Очигледно дека постои судир. Новата бугарска влада беше изгласана од 152 члена на парламентот, само 69 беа против, се знае кои беа поддржувачи. Судирите помеѓу Борисов и Радев, помеѓу Радев и Петков, помеѓу Радев и главниот обвинител Гешев во овие изминати две и пол години се константни, така што постои причинско-последична поврзаност тие на некој начин да се обидат да го детронизираат Радев бидејќи неговиот рејтинг беше многу голем. Тој седум-осум години во Бугарија имаше рејтинг од 50 отсто. Овој обид за негова детронизација е на некој начин и обид да се спречи негово понатамошно политичко влијание евентуално со формирање политичка партија или негова некоја позначајна улога на бугарската политичка сцена – вели поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе дојде до прва средба меѓу новите бугарски власти и македонската страна, за да почне процес на нормализирање на односите меѓу двете земји. За поранешниот амбасадор, тоа што Бугарија сега има политичка влада овозможува предвидливост, што по извесен период ќе биде видливо и во односите со Македонија.
– Познавајќи го европското искуство на Марија Габриел, која ќе биде министерка за надворешни работи на Бугарија, мислам дека многу брзо и наскоро ќе дојде до средба на која ќе може да се разговара за нормализација на односите – истакна Ѓорчев.