КРАЈ НА ПОЛИТИКИТЕ НА ЕУ ЗА ВЛЕВАЊЕ СТРАВ КАЈ СВОИТЕ ГРАЃАНИ ОД „РУСКА ИНВАЗИЈА“
- Од западни воени и безбедносни кругови сè почесто доаѓаат пораки што до неодамна беа речиси незамисливи. Наместо предупредувања за „руски ракети кон европските престолнини“, се слушаат повнимателни оценки за „реалните намери на Москва“. Таквата сѐ погласна реторика од европските центри на моќ отвора дилема дали е оправдана атмосферата на речиси досега перманентна „воена мобилизација на јавниот дискурс“, која фокусирано и континуирано се рециклира(ше) во дел од европскиот јавен и политички простор?!
Додека амбасадорите на Франција, Германија и на Велика Британија влегуваат и излегуваат од руското Министерство за надворешни работи без многу помпа и изјави во јавноста, но сепак забележани од западните медиуми, вниманието на европската јавност останува насочено кон една друга приказна – приказната за „постоењето на непосредната руска закана врз Европа“!?
Во вакви моменти, кога дипломатијата работи зад затворени врати, повторно се отвора прашањето дали официјалниот наратив за неизбежна конфронтација на ЕУ со Русија почна да се судира со реалноста на теренот. Имено, дали Европа со години гради стратегија врз претпоставки што сè потешко може да се поткрепат со факти?
Сигнали од Москва и реторика од Брисел
Од западни воени и безбедносни кругови сè почесто доаѓаат пораки што до неодамна беа речиси незамисливи. Наместо предупредувања за „руски ракети кон европските престолнини“, се слушаат повнимателни оценки за „реалните намери на Москва“. Таквата сѐ погласна реторика од европските центри на моќ отвора дилема дали е оправдана атмосферата на речиси досега перманентна „воена мобилизација на јавниот дискурс“, која фокусирано и континуирано се рециклира во дел од европскиот јавен и политички простор?!
Големата теза за „руската инвазија“
Во последните неколку години значителен дел од европската политичка елита ја гради својата политика врз претпоставката дека Русија претставува долгорочна и директна воена закана за Европската Унија.
Сепак, критичарите на оваа политика поставуваат едноставно прашање: Ако Западот постојано повторува за Русија дека поради санкциите од ЕУ „Москва е заглавена во долг и исцрпувачки конфликт во Украина“, дека има „огромни воени, финансиски и човечки загуби“ итн., тогаш врз што се темели уверувањето дека таа има капацитет или интерес да отвори фронт против целиот европски континент?
Од оваа перспектива, се тврди дека опасноста е претставена во многу поголеми размери отколку што ја оправдуваат реалните околности. Наместо рационална процена на ризиците, јавноста добива пораки што поттикнуваат страв и чувство на постојана закана.
Кому му одговара политиката на страв?
Кога стравот станува доминантен политички лајтмотив во европските нарации, секогаш се поставува прашањето кој има корист од тоа. Критичарите на бриселските елити сметаат дека „приказната за руската закана овозможува концентрација на политичка моќ во рацете на тесен круг институции и бирократски структури“!
Во услови на безбедносна криза, граѓаните полесно прифаќаат зголемени воени буџети, ограничувања и крупни економски одлуки што во нормални околности би биле предмет на жестока јавна дебата. Во таков амбиент, секој што поставува прашања ризикува да биде прогласен за наивен, неодговорен или дури и за поддржувач на противничката страна. Наместо плурализам на мислења, се создава атмосфера во која доминира еден дозволен наратив.
Цената што ја плаќа европскиот граѓанин
Според нашите соговорници, најголемиот товар од оваа политика не го носат политичарите, туку обичните граѓани.
– Во време кога Европа се соочува со демографски пад, индустриски предизвици, високи цени на енергентите и намалена конкурентност на светските пазари, огромни средства се пренасочуваат кон одбранбени проекти и вооружување. Еве, за издвојување е дека ваквите политики имаат и поддржувачи во Европа, но и силни критичари. Имено, поддржувачите на сегашната политика велат дека безбедноста нема цена. Но противниците возвраќаат дека „токму економската стабилност е основата на секоја долгорочна безбедност“! Затворени фабрики, намалена индустриска продуктивност, повисоки трошоци за живот и растечки јавни долгови не создаваат посилна Европа. Напротив, тие можат да ја направат поранлива и понестабилна – елаборираат нашите соговорници.
Од дипломатија кон конфронтација – и назад?
Во вакви околности, секоја дипломатска активност меѓу Западот и Русија добива посебна тежина. Посетите на западните амбасадори во Москва можеби не значат пресврт. Но тие покажуваат дека, и покрај жестоката реторика, каналите за комуникација никогаш не биле целосно затворени.
Историјата покажува дека најголемите конфликти не завршуваат со апсолутна победа на едната страна, туку со политички компромиси што претходно изгледале како невозможни. Прашањето е дали европските лидери се подготвени навреме да го признаат тоа или ќе продолжат да инвестираат во политика на долготрајно исцрпување.
Време за преиспитување
Европа денес не се наоѓа само пред безбедносен предизвик. Таа се наоѓа пред интелектуален и политички тест. Дали континентот ќе продолжи да ја гради својата иднина врз логиката на стравот и постојаната мобилизација или ќе се врати кон традицијата на дипломатија, економска соработка и стратешки реализам?
Можеби токму затоа тивките дипломатски средби во Москва се поважни отколку што изгледаат на прв поглед. Затоа што кога реториката почнува да се смирува, а разговорите повторно стануваат можни, тогаш се отвора простор за прашањето што долго беше потиснувано, а тоа е дали Европа навистина се подготвува за војна што е неизбежна или за војна што постои првенствено како либерална идеолошко-политичка претпоставка.
– Од одговорот на тоа прашање ќе зависи не само идниот однос кон Русија туку и иднината на самата Европска Унија – тврдат наши соговорници. Р.С.


































