- ОН бараат реформи, но никако да ги почнат. Трамп го создава новото НАТО, како што е и зацртано во стратегијата на Белата куќа. Дали Австралија, Канада и Нов Зеланд, а можеби уште некоја птица, ќе се вклучат во јатото, како на пример Филипини, и ќе создадат еден глобален воен сојуз? За тоа не се прашува само Трамп, ниту пак Мерц или Макрон
- Црвениот тепих за претседателот на НР Кина, Си Џинпинг, е поставен во Вашингтон. Тридневна посета на највисоко ниво. Три дена во кои се создава новиот свет. По тој самит ќе следува и собирот на Г20 во Мајами, на домашен терен на Трамп,
каде што е поканет и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Дали за него ќе биде поставен црвениот тепих? Сметам дека уште е рано, но се ткае. И ќе се случи, затоа што, едноставно, тоа мора така да биде. Светот не смее да запре - Македонија не смее да биде пасивен посматрач на овие глобални промени. И таа мора да се реформира. Кој ќе го кочи тоа, тој ќе биде рециклиран, за да не се случи самата Македонија да биде рециклирана
Искусните невропсихијатри веројатно денес го гледаат светот како свој пациент кому му е потребна стручна помош и постела да си легне, добра терапија за да застане на свои нозе и да може да носи разумни одлуки. Да постави на нозе еден здрав свет што ќе знае да ги препознае јавачите на апокалипсата и соодветно да ги смести токму таму каде што им е местото.
И годинашново Генерално собрание на ОН, 81. по ред, покажува дека светот е во криза. Дека светот е во хаос, но од хаос би требало да се создаде новиот свет со верување дека ќе биде подобар и поправеден од сегашниот. Тој премин од старото кон новото се нарекува реформи. Сите веќе се согласуваат дека Обединетите нации се стара архитектура, систем кренат од пеплиштата на Втората светска војна, систем да го чува глобалниот мир. Но како и сѐ во животот, и таа стара архитектура крцка под притисокот на современите предизвици, кои ги има многу, па затоа и доаѓаат сѐ погласните повици дека ОН мора да се реформираат. Како и колку длабоко би оделе тие реформи?
Не се знае точно, иако подолго време постојат визурите на новата светска архитектура, стотици и стотици анализи и академски видувања се напишани на таа тема. Но на Ист Ривер, каде што се темелите на ОН нема значајни поместувања. Стариот свет не се предава пред налетот на новите економски и демографски џинови. И не се само ОН тие што се занимаваат со прашањето за реформи, и Европската Унија е во таков циклус, а заедно со ЕУ и речиси цела Европа, што значи и Македонија. Сите сме во тој глобален стрес-тест. Човекот има меморија, има наследено фактори за преживување, знае да го одвои доброто од злото, па затоа и треба да се има оптимизам дека човештвото нема да го одбере патот кон апокалипсата, туку кон новиот подобар свет. Не зборуваме за утопија, нова утопија, туку за свет што ќе добие нова структура на ОН како светска организација што ќе ги регулира светските процеси и ќе има успешни механизми да ги зауздува апетите на глобалните или на регионалните хегемони. А токму ОН вчера и денес потфрлија токму таму, и тоа мора да се менува. Не спречија или не санкционираа насилно менување влади со странска интервенција, атентати на лидери, запленување државни пари… Не спречија геноциди (Руанда или Босна)… Долга е низата на „не“.
Главното прашање денес е како да се реформира ’рбетот на ОН – Советот за безбедност. Клучно прашање е дали тој е реална слика на соодносот на земјите, денес има 193 членки на ОН, и дали САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина се единствените „големи“ што имаат кредибилитет да бидат одговорни за глобалните прашања, пред сѐ за мирот. Дали треба да им се укине правото на вето? Тоа прашање е клучно, затоа што правото на вето е и влез и излез. Само една врата, која честопати не дозволува решение. Но ако им се одземе правото на вето, тогаш е јасно дека овие пет не би имале интерес да бидат постојани членки и може да се верува дека секоја ќе тргне по својот пат, што е ризична варијанта. Затоа се предлага специфичен механизам на гласање со двојно вето, со што членките не би биле во некаква пасивна состојба на молчење. Покрај прашањето со ветото, веќе одамна на маса е проширување на Советот за безбедност со барем четири нови постојани членки – Индија и Бразил, и поразените во Втората светска војна, Германија и Јапонија. Една таква новосоздадена композиција на дури девет членки со право на вето навистина би била интересна. Имаме предвид дека можеби светот уште не ги заборавил гревовите на нацистичките режими, чија цифра изнесува милиони, а меѓу постојаните членки се и двете што дадоа најголем број жртви – Кина и Русија. Кога кон ова ќе се додаде и фактот дека сѐ уште е присутна сенката на колонијализмот во претставувањето на Франција и на Велика Британија, тогаш повторно е легитимно да се постави прашањето – како може да функционира таков СБ, кој мора да се води според Повелбата на ОН, која е и темелот и патоказот на светската организација сега и за во иднина. И секако во овие математики ја нема Африка. Кој ќе ја претставува Африка? Африка што расте, се модернизира, Африка што сака да се ослободи, да решава за својата судбина.
Понатаму, се предлага и зголемување на бројот на непостојани членки во СБ, кој сега е 10 со мандат од две години, но со тоа не завршуваат предлозите. И самиот Доналд Трамп вели дека се потребни и внатрешни подлабоки реформи и реорганизација на структурите во ОН. Но дали неговото барање за укинување на Меѓународниот кривичен суд е реформа? Парадоксот е таков што сите сакаат промени, за тоа постои консензус, но не и за тоа како на крајот ќе биде физиономијата на ОН. И дали можеби ОН треба да бараат ново седиште, на друг континент? Под чија контрола ќе биде Секретаријатот, главните тела на ОН, како на пример Економскиот совет, потоа и ММФ, па и Светска банка, па дури и Светската трговска организација, иако не е под директна капа на ОН. Под чија капа се овие организации? Главно на „западњаците“, но Америка го има пресудниот потег, златната акција. Па, дури и решава кој ќе добие виза за да учествува на Генералното собрание на ОН. Ако некој веќе чувствува дека смрди покрај Ист Ривер, верувајте и јас го имам истото чувство. Особено што знам дека ОН ја посраа (простете на мојот речник, но тоа е) во случајот со приемот на Македонија во ОН, ја погазија Повелбата на ОН. И токму затоа ние, особено ние, имаме право гласно да бараме реформи. Државата Македонија со сите потребни тапии замина во Њујорк за да бара членство, а доби дополнителни услови. Ние не сме заборавиле, а и не сме им простиле!
И додека сега во ОН се дебатира за нов идентитет, сметам дека е во трка со времето зашто вештачката интелигенција може да ги престигне живите политичари, кои размислувајќи имаат право и на грешки, се дебатира наголемо и за реформи во ЕУ. И во Брисел едно од клучните прашања е ветото – да се укине или не. И дали ако се укине ќе значи и укинување и на самата ЕУ каква што изгледа сега? Дали тргањето на ветото ќе го отвори патот за членство на Македонија (кај нас велат „не умри магаре до зелена трева“)?
Како заклучок на овие процеси би можеле да посочиме дека овој сегашен голем вакуум во ОН, како и во ЕУ, која настојува да се мобилизира, пред сѐ заради состојбата „дојде јајцето на газот“, очигледен застој во однос на конкуренцијата во секој поглед, генерира и забрзува други процеси. Јасно е дека САД под лидерството на Доналд Трамп и концептот МАГА (колку да не ѝ се допаѓа на екипата на Фон дер Лајен) ја поставуваат Америка како хегемон на Западот. Не глобален полицаец од времето на Клинтон-Олбрајт, туку владетел на Западот, одземајќи им големи делови од тортата на постимперијални сили какви што се Обединетото Кралство и Франција. На лидерите во ЕУ им дава свои улоги и насоки, особено во делот на одбраната – ЕУ ќе треба да се грижи во блиска иднина (2030) самата за својата благосостојба, а притоа како десна рака на Америка се гледа Германија. Регионалните сојузи ќе добиваат димензија на интерконтинентални. БРИКС чекори кон сериозни економски поврзувања и ќе биде во скоро време алтернатива на Светската трговска организација. Дали ќе влезат во воен пакт? Засега тоа е далеку од видикот. Шангајската група за соработка веќе е сериозна моќ и таа не е од вчера. Азија станува центарот на моќта во светот. Факт. Индија е силата, а интересно, Индија сѐ уште е во Движењето на неврзаните, кое е најголемата организација со над 100 членки. Претежно се од Африка и сѐ уште бараат слобода и ослободување од колнијалното ропство, кое има опасни финансиски реперкусии и црпење на ресурсите. До кога? Тоа се можни причини за конфликти и за војни.
Трамп го создава новото НАТО, како што е и зацртано во стратегијата на Белата куќа. Дали Австралија, Канада и Нов Зеланд, а можеби уште некоја птица во јатото, како на пример Филипини, би создале еден глобален воен сојуз? За тоа не се прашува само Трамп, ниту пак Мерц или Макрон. Црвениот тепих за претседателот на НР Кина, Си Џинпинг, е поставен во Вашингтон. Тридневна посета на највисоко ниво. Три дена во кои се создава новиот свет. По тој самит ќе следува и собирот на Г20 во Мајами, на домашен терен на Трамп, каде што е поканет и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Дали за него ќе биде поставен црвениот тепих? Сметам дека уште е рано, но се ткае. И ќе се случи, затоа што, едноставно, тоа мора така да биде. Светот не смее да запре.
Да не ја забораваме нашата Македонија. Сите овие промени, кои веќе траат, ги следиме, значат поттик за неа да тргне по својот пат на реформите. Тој што нема да ги види потребите од нив ќе биде рециклиран. Ризикот е ако не се фатиме сега за работа за да ги поставиме сите знаци покрај патот до 2040 г. како реална одредница, да ја поставиме нашата Македонија во 2040 година, бидејќи тоа е така сега во светот, тогаш ќе бидеме рециклирани како држава. Ако мислите дека во овој реален свет владее милосрдие, поарно е да ја менувате плочата. Секој си ја гледа својата куќа!
































