ДРАСТИЧНО НАМАЛЕНА СПОСОБНОСТА НА СТАРИТЕ ЕВРОПСКИ СИЛИ ДА ПРАКТИКУВААТ „СТЕКНАТО ВЛИЈАНИЕ“ ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ
- Резултатот од последното гласање во Генералното собрание на ОН, во кое Германија беше изненадувачки престигната од Австрија и Португалија во трката за непостојано место во Советот за безбедност на ОН, не е изолиран случај. Тој е показател на подлабока структурна ерозија на дипломатската тежина и влијание на познатите „стари европски сили“. Иако носечките земји на ЕУ сè уште располагаат со значителна економска моќ, технолошки капацитет и историски престиж, тие сè потешко ја конвертираат таа тежина во глобално политичко влијание. Овој јаз меѓу „внатрешната сила“ и „надворешната релевантност“ станува една од клучните карактеристики на современата европска криза
Фактот дека речиси половина од државите во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) не ја поддржаа Германија, и покрај нејзината огромна финансиска поддршка за ОН, разоткри уште еднаш непријатната дилема во меѓународната јавност, а тоа е „дали европската дипломатија сè уште произведува доверба или само административна инерција без политички капитал“?!
Изгубен европски кредибилитет поради политичко лицемерство на бриселските либерални елити
Во изминатите две децении европските држави се потпираа на модел што комбинираше економски либерализам, извозна зависност и претпоставка дека „нормативната моќ“ ќе биде доволна замена за геополитичка стратегија.
Но реалноста на новиот мултиполарен свет го демантира тој пристап. Енергетската криза, поради погрешни енергетски политики, направи и процес на европска деиндустријализација. Германија, како индустриски мотор, се соочи со пад на конкурентноста, раст на трошоците и слабеење на извозниот модел, кој со децении ја хранеше нејзината дипломатска самодоверба.
Истовремено, француско-германската оска, традиционално столб на европската интеграција, покажува знаци на замор и политичка фрагментација. Франција сè почесто настапува со еднострани иницијативи, додека Германија се двоуми меѓу економскиот прагматизам и геополитичките обврски. Во тој контекст, европската надворешна политика сè почесто изгледа како реактивна наместо стратегиска.
Случаите на Либија, Сирија и Авганистан, каде што европските држави следуваа зад САД или доцнеа, ја покажуваат ограничената автономија на европската безбедносна архитектура. Дополнително, војната во Украина ја забрза милитаризацијата на европската политика, но без јасна доктрина за долгорочна стабилност.
Зголемувањето на воените буџети не се претвора автоматски во политичко влијание, особено кога дипломатската стратегија останува некоординирана.
Паралелно, политиката на проширување на Европската Унија, особено кон Западен Балкан, се соочува со растечка недоверба. Земјите кандидати сè почесто ја перципираат ЕУ како бирократски затворен систем што поставува услови без јасна перспектива за членство.
– Сето тоа создава еден тежок парадокс. Европската Унија настапува како глобален промотор на правила, но сè потешко ги применува тие правила кон сопствениот геополитички периметар. Така се раѓа впечаток на двојни стандарди, кој директно ја поткопува нејзината мека моќ. Неолибералниот економски модел, со фокус на дерегулација, приватизација и фискална дисциплина, дополнително ги ослабна социјалните кохезии во многу европски држави. Растечката нееднаквост и стагнацијата на платите ја еродираа довербата во институциите. Во исто време, миграциските кризи ја отворија вратата за политичка поларизација, која дополнително ги засили суверенистичките и евроскептични движења – вели наш соговорник што работи во една од клучните европски институции и има директен увид во тоа што се случува и официјално, но и неофицијално во бриселските кулоари.
Тој додава дека навистина постои една политичка какофонија што „директно влијае врз способноста на Европа да настапи со единствен глас во меѓународните, светски институции, како што се на пример ОН“.
Ерозија на „единствената“ Европа
Гласањето во ОН, во кое поголеми и економски посилни држави беа надминати од помали, симболично ја потврдува оваа ерозија, вели нашиот соговорник. Имено, во глобалната политика, перцепцијата често тежи повеќе од статистиката. Европските сили сè повеќе се соочуваат со свет во кој историскиот престиж не гарантира автоматска поддршка. Африка, Азија и Латинска Америка сè помалку реагираат на аргументите на „историската заслуга“ и сè повеќе на конкретни економски и безбедносни понуди.
Во таа смисла, европската дипломатија често изгледа како моралистичка, но не и прагматична. Таа поставува вредносни рамки, но не секогаш обезбедува материјални стимули или геополитичка конзистентност.
Систематската дипломатска работа често носи поголем резултат од големината сама по себе
Случајот со Германија во ОН не е пораз поради една политика, туку акумулација на повеќе фактори, и тоа енергетска ранливост, политичка фрагментација, недоволно стратешко лобирање и замор од европската „нормативна ароганција“. Истовремено, растечката конкуренција меѓу самите европски држави за влијание во меѓународните институции ја ослабува заедничката позиција. Австрија и Португалија, во конкретниот случај, покажаа дека систематската дипломатска работа често носи поголем резултат од големината сама по себе, вели нашиот соговорник, правејќи мека илузија за начинот на кој треба да работи македонската дипломатија токму на своите познати предизвици, без разлика на тоа дека таа не е членка на ЕУ, но сепак е членка на многу меѓународни институции, вклучувајќи ги и ОН, каде што Македонија ја чека многу работа.
Дали Европа сè уште е геополитички актер или повеќе економски простор без единствена надворешна стратегија?
Овој разговор отвора една поширока перспектива, имено за тоа дали Европа сè уште е геополитички актер или повеќе економски простор без единствена надворешна стратегија.
Според нашиот соговорник, одговорот на ова прашање станува сè понеизвесен.
– САД, Кина и новите регионални сили ја редефинираат глобалната архитектура, додека Европа често реагира постфактум. Таквата позиција ја намалува нејзината преговарачка моќ. Крајниот резултат е јасен. Економската тежина без политичка кохезија не создава автоматски глобално влијание.
Напротив, може да стане товар што ја открива внатрешната неусогласеност.
Европа денес не страда од недостиг од ресурси, туку од недостиг од стратешка синхронизација. И тоа е нејзиниот најголем дипломатски дефицит во новата геополитичка ера – нагласува нашиот соговорник од Брисел. П.Р.


































