Abbas Araghchi
Фото: ЕПА

Иран им предложил на САД седумдневен план за повторно отворање на Ормуската Теснина, според кој стратешкиот поморски премин би бил отворен на седмиот ден доколку бидат исполнети одредени услови.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, во изјава за новинарите на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, рече дека по повторното отворање на Теснината би продолжиле и преговорите меѓу Иран и САД.

Арагчи не ги прецизираше условите, но посочи дека тие „не се ништо повеќе“ од она што двете земји го договориле во јуни.

Според „Њујорк тајмс“ и „Си-Ен-Ен“, иранскиот предлог бил доставен до американската страна преку посредник. Претставник на Белата куќа за „Си-Ен-Ен“ изјавил дека САД и Иран водат „позитивни и конструктивни разговори преку посредниците“.

Иранските државни медиуми, пак, објавија дека условите на Техеран за повторно отворање на Ормуската Теснина вклучуваат итно укинување на американската поморска блокада долж иранскиот брег, ослободување на сите замрзнати ирански средства и прекин на воените дејствија на сите фронтови.

Претставници на САД и Иран во вторникот разговарале на маргините на Генералното собрание на ОН. Тоа биле први директни разговори меѓу претставници на двете земји по неколку месеци.

Ормуската Теснина е еден од најважните поморски коридори за транспорт на нафта и течен природен гас, поради што нејзината контрола останува едно од клучните спорни прашања меѓу Вашингтон и Техеран.