Фото: принтскрин

Косовската полиција уапси денеска три лица од српска националност, кои се осомничени за воени злосторства против цивилното население за време на војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на Специјалното обвинителство на Косово се наведува дека на тројцата уапсени им е одреден притвор од 48 часа.

Тројцата уапсени се обвинети за кривичното дело „Воени злосторства против цивилното население“ , дејствија кои се санкционирани според членовите 142 и 22 од Кривичниот законик на СФРЈ, актуелно казниво според Кривичниот законик на Република Косово, според локалните закони, воените обичаи и Женевските меѓународни конвенции и дополнителните протоколи – се наведува во соопштението.

Официјален Белград, како што пренесуваат медиумите, реагира преку Канцеларијата за Косово, која функционира во рамките на Владата на Србија, а која соопшти дека уапсениот во Звечан, Д.М., е поранешен полицаец, додека за уапсениот И.Е. тврди дека е во тешка здравствена состојба.

– Тие се испратени во непознат правец јужно од (реката) Ибар. Канцеларијата за Косово веднаш обезбеди адвокати за уапсените Срби, кои се обидуваат да откријат каде се испратени, бидејќи нивните семејства немаат детални информации за нивните најблиски – се вели во соопштението од Белград.