Фото: Фејсбук/Вјоса Османи

Претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека нема автономија за српските општини и дека од позиција на претседателка на државата нема да дозволи да се прекрши Уставот.

Османи за приштинските медиуми изјави дека Косово веќе има гаранции дека Уставот нема да биде прекршен, пренесува Бета.

– Нема автономија. Се што би произлегло од Уставот на Косово мора да се ратификува во Парламентот, за на крајот пратениците да одлучат за такво нешто. Но, јас како претседател никогаш не би дозволила тоа да се направи надвор од Уставот, или и покрај одлуките на Уставниот суд, кои ги дефинираа параметрите во однос на правата на Србите и нивната организација на Косово – рече Османи, пренесува Косово онлајн.

Таа додаде дека косовската делегација работи на утврдување на деталите во однос на членот 7 од договорот постигнат во дијалогот и дека сето тоа се заснова на принципите кои се веќе воспоставени.

Првиот принцип, како што рече, е Уставот на Косово, така што „автономијата не може да биде надвор од Уставот“, а како втор принцип ја наведе одлуката на Уставниот суд од 2015 година и другите начела утврдени од Собранието, кои како што наведе таа, „се однесува на зачувување на интегритетот и суверенитетот на земјата и внатрешната функционалност позната како принцип на унитарност“.

– Морам да ја спомнам и американската позиција која е утврдена во писмена форма, а која меѓу другото е дополнителен водечки принцип во чекорите што претстојат. Нашата земја има гаранции дека нема да се прекрши Уставот и ќе ги искористиме сите тие гаранции да го заштитиме интересот на државата – посочи Османи.