Фото: Горан Анастасовски

Денеска сме сведоци дека тестот на зрелоста „Ре-медика“ го положи успешно, справувајќи се со сите притисоци, негативни гласини и афери кои беа насочени кон нас, со намера да се нанесе штета на угледот и опстанокот на болницата, вели Јорданова

Со традиционалната крводарителска акција, со која вработените уште еднаш ги потврдија хуманата мисија и професионалноста, првата приватна општа болница „Ре-медика“ денеска го одбележа осумнаесетиот роденден. Вработените и пријателите на „Ре-медика“ прославија и со пригоден коктел и модна ревија на Елизабета Петковска, за која Дауновиот синдром не е пречка за креативна работа.
Денеска, пет години од своето постоење прославува и аптеката „Данеа фарм“, која е сместена во болницата.

Успешно положен тестот на зрелоста

„Ре-медика“ како здравствен систем е болница-пријател на своите пациенти. Иградена е со големо внимание и почит кон здравствените потреби на пациентите, според врвни стандарди.
-Денес го одбележуваме 18. роденден на „Ре-медика“. Симболиката на бројот 18 е поврзана со полнолетство или возраст кога на младите им се признава зрелоста. Денеска сме сведоци дека тестот на зрелоста „Ре-медика“ го положи успешно, справувајќи се со сите притисоци, негативни гласини и афери кои беа насочени кон нас, со намера да се нанесе штета на угледот и опстанокот на болницата. Им го честитам 18. роденден на сите вработени што ја преживеаја минатогодишната бура и кои веруваа во себе и во „Ре-медика“ – вели Елица Јорданова, генерална директорка на болницата.

Во чекор со совремнените текови на медицината на светско ниво

Проф.д-р Александар Митевски, медицински директор на „Ре-медика“ оцени дека годината што измина беше потешка, по премрежињата со ковидот.
– Се случија неколку промени кои ја одбележаа годината, а иако беа тешки ги надминавме и покажавме дека „Ре-медика“ претставува фамилијарна и искрена болница која своите пациенти и клиенти ги третира чесно и отворено. Докажавме и дека тој начин на работа и функциониорање носи перспектива, без разлика на тешките моменти кои ги поминавме во последните неколку години. Последните беа резултат на планска, структурна промена на генерации, која се очекува да се случи во сите институции. Ние продолжуваме по истиот пат, ќе вложуваме во едукација на кадарот и воведување на нови методии за и понатаму да бидеме во чекор со совремнените текови на медицината на светско ниво – вели д-р Митевски.

Прва аптека

Александра Димитровска, специјалист по клиничка фармација, раководител на болничката аптека и на „Данеа фарм“ вели дека пет години „Данеа фарм“ е прва аптека на многу пациенти. Прва бидејки, пациентите ја препознаваат како една од поснабдените.
-Денеска, кога славиме пет години работа на нашата аптека „Данеа Фарм“ за нас е голем ден. Пет години на нашите пациенти им овозможуваме целосна медицинска и фармацевтска грижа. Ни претставува чест и задоволство да продолжиме да го негуваме секој излекуван пациент. Фармацевтот е најдостапен здравствен работник, така и ние со нашиот ангажман имаме можност да забележиме и да реагираме на неговите потреби, се со цел подобра фармацевтска нега. „Данеа фарм“ не е обична аптека. Нејзиното опкружување во болница овозможува соработка со нашите доктори и взаемно одговарање на потребите на пациентите – вели Димитровска.

Врв на хуманоста

Крводарителската акција, која се реализираше со Црвен крст, општинска организација на Гази Баба и Институтот за трансфузиона медицина имаше голем одзив.
-Им се заблагодаруваме на хуманоста на здравствените работници, кои како и до сега, и денес ја покажаа со своето дарување на најскапоцената течност – вели д-р Индира Џеладини од институтот.
Елена Спироска, координатор за општи и правни работи во „Ре-Медика“ крв дарува десета година по ред.
-Да даруваш крв и да спасиш живот е врв на хуманоста. Јас имам крвна група нулта позитив која може на сите да им помогне, често и ме повикуваат кога треба да дадам крв и никогаш не сум одбила – вели Спироска.

На пригодниот коктел вработените и пријателите на „Ре-медика“ ја проследија модната ревија на Елизабета Петковска, за која Дауновиот синдром не е пречка за креативна работа. Присутните на прославата имаа прилика да ги видат уникатните изработки во спој со модното ателје „Пер Семпре” (Per Sempre) и ателјето за накит и модни додатоци „Мај прешeс“ (My Precious), кои ги презентираа вработени и пријатели на „Ре-Медика“. Елизабета вешто и со уживање ги изработила плетените делови на моделите од летната модна колекција со традиционални елементи, кои беа презентирани на ревијата. Н.Б.З.

Фото: Горан Анастасовски