Фото: Влада

Ќе поскапат некои од производите со замрзнати цени оти поскапел увозот. Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека во вторник следната недела ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.

– Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е иста, ќе остане иста. Генерално, нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени што се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари за што дополнително ќе ја информираме јавноста – рече министерот Бектеши.

Во понеделникот оваа недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 7о денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари. Некои од овие производи ќе имаат нови цени поради новите увозни цени пријавени во Царинската управа иако во одлуката стоеше дека цените треба да останат до крајот на месецот. Веќе на почетокот на следниот месец се очекува домашното производство на пазарот, кое треба дополнително да ги намали цените на производите.

Министерот Бектеши потсети дека податоците што ги има Министерството за економија за фиктивни фактури за увоз на овошје и зеленчук ќе ги достави до сите надлежни институции, но и дека ќе ги објави за да ги поттикне институциите да постапуваат. Министерот обвини дека многумина од големите увозници едни фактури пријавувале во Царинската управа, а други со помали цени имало во компаниите каде што плаќаат. Побара надлежните институции да истражат и нагласи дека казната за затајување данок над 10.000 евра е кривично дело.