Фото: Игор Бансколиев

АЛБАНИЈА

Подготвил: Mарјан Велевски

Албанската телевизија Ора њуз, повикувајќи се на официјалните податоци објавени од фондацијата ИСМУ ЕТС обработени врз основа на најновите статистики на Истат и Еуростат, објави дека само лани над 22.000 албански граѓани добиле италијанско државјанство, со што се зголемува бројот на Албанците што стануваат Италијанци.
– Албанците и понатаму, неколку години по ред се меѓу странските заедници со најголем број барања за добивање италијанско државјанство. Тие се на прво место на списокот на имигранти што добиваат италијанско државјанство, што доведе до намалување на нивниот број како имигранти со албанско државјанство – наведува телевизијата.

Истиот извор наведува дека во Италија има 381.120 албански имигранти, но она што е особено интересно е дека таа бројка секоја година се намалува – затоа што околу 200 илјади веќе станале Италијанци.
– Според најновите податоци за добивање италијанско државјанство за минатата година, први на списокот се Албанците (22.493), по нив Мароканците (16.588), Романците (9.435), Бразилците (5.460), државјаните на Бангладеш (5.116), Индијците (4.489), Пакистанците (4.410), Аргентинците (3.669) повеќе од двојно во споредба со 2020 година, годината во која имало 1.717, Молдавците (3.633) и државјаните на Египет (3.531) – додава телевизијата.

Во 2022 година италијанско државјанство добиле вкупно 133.236 (50,9 отсто жени и 49,1 отсто мажи), 9,7 отсто повеќе отколку во 2021 година, годината во која биле регистрирани 121.457 нови Италијанци.