Фото: Игор Бансколиев

Задолжителната маска во затворените простори во Грција од утре се укинува, а исклучок се болниците, домовите за стари лица и јавниот градски превоз, додека пак во текот на оваа седмица ќе се донесе одлука за протоколите за бродовите и траектите, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката ја соопшти министерот за здравство на Грција Танос Плеврис пред две седмици и рече дека е привремена, односно ќе важи до 15 септември годинава.

– Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории – рече тогаш Плеврис.

Маската повеќе нема да биде задолжителна за затворените простори, како што се супермаркетите и продавниците, но и за авионите и за превозните средства со нумерирани седишта, односно возовите и меѓуградските автобуси.

Задолжителна останува во болниците, домовите за нега на стари лица и слични институции, како и во јавниот градски превоз, како што се автобусите, метрото, трамваите и тролејбусите.

Маската, воедно е и последната мерка што важеше во Грција, со што летото ќе биде целосно слободно и без никакви ограничувања.