Фото: Макфакс

Во рамки на активностите со кои Армијата го одбележува тридеценискиот јубилеј и одличната меѓуармиска соработка со Вооружените сили на Кралството Норвешка, денеска на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, голем број на граѓани имаа можност да присуствуваат на несекојдневен и спектакуларен настан.

Припадниците на кралската гарда на Кралството Норвешка, која за првпат настапува кај нас и на баталјонот за почести на АРМ, заедно со воените оркестри ги воодушевија присутните со изведба на акробатски вештини со оружје, марширање и музика кои го отсликаа меѓусебното пријателство и сојузништво.

Фото: Макфакс

Настапот на гардиските единици беше проследен и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и началникот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Ејрик Кристоферсен кој се наоѓа во официјална посета на нашата држава, државниот секретар во МО, Драган Николиќ, амбасадорот на Кралството Норвешка, Јорн Еугене Гјелстад, генералите во Армијата, припадници од Министерството за одбрана и Генералштабот и од Амбасадата на Кралството Норвешка.

Кралската гарда на Кралството Норвешка е меѓу најпознатите кралски гарди во светот и е една од најголемите единици во ВС на Кралството Норвешка. Изведбите на кралската гарда на Кралството Норвешка се меѓу најпосетуваните секаде каде што имале свој настап.

Фото: Макфакс

Како дел од заедничката соработка, во концертната сала на Македонската филхармонија во Скопје, воениот оркестар при кралската гарда на Кралството Норвешка ќе одржи едночасовен самостоен концерт на кој генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен, припадници од Армијата, Министерството за одбрана и други гости од воено дипломатскиот кор ќе имаат можност да проследат повеќе нумери на кралскиот оркестар.