Босна и Херцеговина во очекување на принципиелност од ЕУ кога таа порачува:

Сите земји од Европската Унија го поддржуваат проширувањето на Унијата кон Западен Балкан, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина. Но некои земји од ЕУ не се откажуваат од барањето Босна да покаже сериозен напредок за да добие кандидатски статус. Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ, исто така е застапник на овој бескомпромисен критериум. Тоа го потврди и амбасадорката на Чешка во Босна и Херцеговина, Ивана Хлавсова, која во интервју за „Независне новине“ од Бања Лука изјави дека е јасно оти некои членки на Унијата се залагаат БиХ да добие кандидатски статус за членство веднаш и без дополнителни услови, но мнозинството е против таквиот пристап и сака БиХ да спроведе барем дел од 14-те приоритетни реформи дефинирани од Европската комисија во 2019 година.

Мнозинството верува дека БиХ треба да направи одреден напредок пред кандидатурата. Чешкото претседателство и Делегацијата на ЕУ во БиХ, која врши важна работа, продолжуваат да ги потсетуваат локалните власти колку е важно да се исполнат условите за кои веруваме дека се остварливи. Велат дека ни требаат добри вести за да можеме да водиме плодна дискусија во ЕУ. Мораме да имаме нешто што можеме да го претставиме, бидејќи во спротивно ќе биде тешко да се убедат многумина во ЕУ дека БиХ ќе ја добие кандидатурата. Треба сериозно да размислиме за промени на Уставот на Босна и Херцеговина – рече Хлавсова.

Таа не прецизира кои земји се поборници за безусловно одобрување на кандидатскиот статус на БиХ, но хрватскиот претседател Зоран Милановиќ беше меѓу жестоките застапници на таквиот пристап, особено откако ѝ беше доделен кандидатски статус на Украина.

Амбасадорката Хлавсова рече и дека ставот на Чешка е дека по 27 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор, дојде време сериозно да се разгледаат измените на Уставот на Босна и Херцеговина, кој е составен дел на тој документ. Чешкиот амбасадор истакна дека тоа е документ чија цел била да се запре војната, а не да биде долгорочен аранжман за таа земја.