Како до поголем извоз во услови на глобална криза

Интервју со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Рефлексиите на кризата од светската пандемија на ковид-19 врз македонската економија, енергетската криза и предизвиците со кои се соочува извозниот сектор се некои од темите што ги загатна „Нова Македонија“ во интервјуто со првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески

Кои се предизвиците со кои се соочува извозниот сектор?
– Македонската економија, вклучувајќи го овде и извозниот сектор како еден од клучните сектори за нашата економија, помина низ многу предизвици во изминатите повеќе од 30 години. Кризата со светската пандемија во 2020 година и моменталната енергетска криза на која сме сведоци денес, со сигурност се најголемиот предизвик за нас како бизнис-сектор, особено за извозно ориентираните компании како најпогодени.

Да се потсетиме дека пандемијата на ковид-19 предизвика сериозни проблеми во глобалната трговија што не ги одминаа нашата економија и трговскиот сектор. Рестрикциите што беа наметнати како одговор на пандемијата предизвикаа целосен застој на протокот на стоки и прекини во синџирите на снабдување, а истовремено светската побарувачка имаше значителен пад, што предизвика сериозно намалување на македонскиот извоз. Имено, светската побарувачка на добра во 2020 година забележа пад од -8 отсто споредено со 2019 година, додека падот на македонскиот извоз во истиот период беше уште поголем и изнесуваше -9,8 отсто.
Одредени предизвици во светската трговија, како што се проблемите во автомобилската индустрија, сè уште постојат и на истите тие не се имуни нашите компании, кои во значаен дел се силно интегрирани во глобалните синџири на снабдување, што значи дека потресите на глобалните пазари негативно се одразуваат врз нашиот извоз.

Она што дополнително се случи е енергетската криза, која е глобален проблем и која создава сериозни проблеми за нашите извозни компании, особено големите компании од енергетски интензивните сектори, кои реално имаат големо учество во нашиот извоз. Тоа со сигурност ќе предизвика нов пад на македонскиот извоз во 2022 години, а можеби и следната 2023 година, што секако ќе има значајни последици врз извозот и економскиот развој на земјата во идниот период.
Стопанската комора на Северна Македонија вложи многу напори преку институциите на системот, во рамките на регионот и пошироко, со сите активни чинители да им помогне на компаниите, со цел ублажување на последниците. Ние продолжуваме да бидеме активни околу ова прашање и ќе видиме како ќе се одвиваат состојбите во следниот период.

Покрај моменталната енергетска криза и онаа што извозниот сектор ја помина во периодот на пандемијата, што е специфично за извозниот сектор и кои се системските проблеми со кои истиот тој се соочува?
– Македонскиот извоз имаше многу системски проблеми и пред овој кризен период низ кој поминуваме. Јас најпрво би ја посочил неповолната извозна структура, односно фактот што најголем број од производите што ги извезуваме како земја се производи со ниска додадена вредност, што де факто е еден од нашите сериозни недостатоци. Тоа, се разбира, се рефлектира врз хроничниот трговски дефицит што како земја го генерираме поради ниската додадена вредност на нашиот извоз.
Дополнително, македонскиот извоз е премногу концентриран од аспект на бројот на извозни компании, бројот на извозни производи и бројот на извозни пазари. Имено, според анализите што ние како комора ги имаме направено, во земјата има помалку од 3.000 постојани извозни компании, што е околу 4 отсто од активните деловни субјекти во националната економија.

Од аспект на бројот на производи, нашите анализи покажуваат дека со вредност поголема од 500.000 евра извезуваме помалку од 500 производи (од можни повеќе од 5.200 производи што се предмет на меѓународна трговија), од кои најголем дел се базични метали, примарни земјоделски производи, производи од текстил и облека, што ја потврдува констатацијата дека извезуваме производи со низок степен на финализација и ниско ниво на додадена вредност.

Не е поразлична ситуацијата кога зборуваме за извозните пазари каде што македонските компании ги пласираат своите производи. Имено, извозот во Германија надминува 46 отсто од вкупниот извоз на земјата, додека првите пет извозни пазари имаат 64 отсто релативно учество во вкупниот извоз, при што, нашата земја извезува со вредност поголема од еден милион евра во само 58 земји во светот. Сето ова ја потврдува констатацијата дека македонскиот извоз се соочува со висока концентрација и неповолна структура, па токму тука треба да биде насочен нашиот фокус како земја во наредниот период.

Во која насока Стопанската комора на Македонија дејствува за подобрување на состојбите со извозниот сектор?
– Стопанската комора на Северна Македонија постојано во еден подолг временски период е насочена кон прашањето на извозот и конкурентноста на македонската економија, затоа што сметаме дека само преку зголемување на конкурентноста на македонските извозни компании и нивно подобро позиционирање на регионалните и на глобалните пазари може да се надеваме на некој посериозен економски исчекор во државата.

Во таа насока, би ја искористил оваа пригода да потенцирам еден конкретен проект што Комората во соработка со ФИТР успешно го имплементира неодамна, а чија вредност изнесуваше повеќе од 1,3 милион евра. Станува збор за обезбедена конкретна стручна, техничка и финансиска поддршка за пет домашни извозно ориентирани компании од металопреработувачкиот, машинскиот и електросекторот, кои инвестираа во технолошка модернизација преку набавка и инсталирање нови современи машини.

Се разбира, нашето регионално дејствување преку Коморскиот инвестициски форум и другите регионални иницијативи е во насока на отворање нови можности и пазари за нашите извозни компании.

Комората во изминатиот период, во рамките на процесот на градење на новиот концепт „Комора на иднината“, го етаблира Советот за унапредување на извозот и индустриското производство, кој како стручно тело во рамките на Комората треба да испорача предлог-политики и мерки за зголемување на конкурентноста на македонската економија и преку зајакнување на институционалната соработка да создаде поволни услови за развој на извозниот сектор. Истовремено, новиот концепт на Клубот на извозници треба оперативно да испорача нови услуги и конкретна поддршка за домашните извозни компании во нивните напори за интензивирање на процесот на интернационализација.

Стопанската комора на Македонија во партнерство со УСАИД започна еден голем проект за поддршка на македонските извозни компании во процесот на регионализација и интернационализација. Можете ли да ни кажете за што поточно станува збор?
– Во овој проект, Комората во партнерство со УСАИД ќе работи во насока на подобрување на конкурентноста на македонските извозни компании, но истовремено ќе ги зајакнеме и надградиме нашите стручни капацитети, со цел истите тие подоцна да ги ставиме во функција на нашите членки.

Проектот е поделен во неколку сегменти. Првиот дел се однесува на подобрување на институционалната соработка со сите чинители во државата, кои на некој начин имаат одговорност и надлежност во делот на прашања поврзани со извозот и конкурентноста на националната економија. Извозот и конкурентноста треба да бидат прв приоритет на државата ако сакаме да излеземе посилни од оваа криза и да го продолжиме и да го забрзаме нашиот развоен пат. Во таа насока, треба да работиме заеднички на создавање поволни бизнис-услови за нашите извозни компании и истите тие максимално да ги поддржиме во нивните напори за подобрување на нивите пазарни позиции во регионот и пошироко.

Вториот сегмент се однесува на обезбедување конкретна поддршка за извозните компании во нивните напори за градење конкурентски предности и поголема промоција на регионалните и меѓународни пазари. Истовремено, ќе работиме на мапирање на извозните потенцијали на македонската економија со цел обезбедување поддршка за селектирани потенцијални и постојни извозни компании, кои во дадените извозни сектори имаат најголем капацитет да креираат поголема извозна додадена вредност.

Третиот сегмент се однесува на обезбедување модерно стручно-апликативно знаење за нашите извозни компании преку институт на извоз, кој ќе биде формиран во рамките на самиот проект. Овој институт треба да биде една реномирана образовна институција, која ќе биде формирана во согласност со концептот на вакви слични институции во Западна Европа и истата таа ќе има за задача да обезбеди употребливо модерно знаење за кадрите во извозните компании, кое ќе биде ставено во функција на зголемување на конкурентноста и извозот на нашите компании на постојните и на нови извозни пазари. Е.Р.