Во својот говор, албанскиот премиер Еди Рама упати недолични обвинувања кон поранешната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, за злосторствата извршени од припадници на ОВК и ги нарече лажни вести. Во истиот стил, Рама во Стразбур ја критикуваше резолуцијата на СЕ од 2011 година за нелегална трговија со органи на луѓе киднапирани на Косово
Откако албанскиот претседател Еди Рама го имаше своето завчерашно обраќање во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур, мнозинството пратеници го нарекоа шокантно. Но овој пат не се остана само на вербална реакција, туку Претседателството на ПССЕ ја откажа работната вечера со Рама, поради, како што велат оттаму, „дрскоста и навредите кон многумина“.
За ваквата одлука, Претседателството на ПССЕ попладнето ги известило и шефовите на пратеничките групи дека ја откажува вечерата со Рама.
Во пораката се наведува дека „по попладневното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама, Претседателството одлучи да ја повлече поканата до премиерот за работна вечера“.
Во Советот на Европа некои од пратениците коментираат дека не се сеќаваат досега да се случило вакво нешто, да биде откажана работна вечера со висок државник од некоја земја.
Kaко што беше соопштено претходно, во својот говор албанскиот премиер Еди Рама обвинувањата на поранешната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, за злосторствата извршени од припадници на ОВК ги нарекол лажни вести. Рама во Стразбур ја критикуваше резолуцијата на СЕ од 2011 година за нелегална трговија со органи на луѓе киднапирани на Косово.
– Ова обвинение се најде на насловните страници од Европа до Австралија и покрај тоа што обвинувањата во Косово беа категорично отфрлени. Најмистериозното прашање беше што го спречи моќниот обвинител да истражува понатаму – рекол Рама и додал дека тврдењата на бившата обвинителка Карла дел Понте се засновани на сомнителни извори.