Добитничката на „мечка“, Илдико Ењеди, на „Киненова“

Унгарската режисерка Илдико Ењеди, која е годинашна лауреатка на наградата за особен придонес во филмската уметност на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, одржа мастерклас на кој присуствуваа истакнати македонски режисери и студенти од Факултетот за филмска уметност во Скопје.
Вистина е дека има голем притисок не само во филмската индустрија туку и во другите видови уметности и сметам дека така ја уништуваат идејата. Во мојот живот сум се соочила со многу бариери од очекувања, политички и естетски пречки. Во времето на социјалистичката ера немав можност да одам по главниот пат и да добијам пари, моите дела да бидат финансирани, затоа што јас работев во една уметничка група што беше интердисциплинарна и чии членови беа следени од страна на тајната полиција, така што беше опасно да се работи во такви услови. Потоа сфаќате дека треба да уживате во тоа што го работите и дека едноставно треба да ја платите цената. Всушност, треба да бидете искрени со себеси. Тоа е најважно – рече Илдико.
Авторите споделија искуства и за емотивната состојба со која се соочуваат доколку филмот не биде поканет на некој фестивал. Трошат години од својот живот додека го прават филмот, а потоа нема никаква или има многу мала можност да се прикаже тој филм.
– Ако сакате да бидете артикулиран и за себе и како режисер, треба да сфатите која е вистинската природа, вистинскиот јазик на филмот. Ако одите на експедиција на Северен Пол, треба мошне внимателно да се подготвите за да не заборавите нешто, бидејќи нема простор да се вратите назад, но ако понесете премногу работи, ќе бидете претешки и може да паднете. Тоа ја дефинира подготовката на секој проект и тоа ви помага да сфатите што е целта на проектот. Ако е тоа кристално јасно за сите што работат на филмот, тогаш емоциите можат слободно да циркулираат и да се внесе целата креативна енергија. Тоа ни е единствената шанса. Што се однесува до учеството на филмски фестивали и поголема гледаност на филмовите, можеби треба да има платформи за филмови, слични на оние што веќе постојат за компјутерски игри, каде што плаќате извесна сума и потоа можете да избирате која игра сакате да ја играте. Ваква платформа за филм можеби ќе ни помогне за поголема гледаност – вели Ењеди.
За процесот на снимање, носењето брзи одлуки и справувањето со проблемите, Ењеди вели дека режисерот е всушност машина што носи одлуки, кои некогаш се добри некогаш се лоши.
Адреналинот во процесот на работа е прекрасен. Снимањето е како сурфање, мора да држите рамнотежа, бидејќи секој момент може да паднете во вода, но тоа си има своја убавина, има и свој тек и правец и мора да носите ад хок одлуки, инаку ќе биде тешко. Филмот е жива материја, освен ако сте Хичкок. Почнувајќи од сценариото, снимањето, монтажата, може да го свртите во друга насока, па дури и со нијансирањето, некои работи може да станат јасни – рече таа.