Фестивалот на камерна музика „Златна лира“, кој Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), традиционално, секоја година го организира во октомври, свечено ќе биде отворен вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба, со концертот на сопранот Биљана Јосифов, во пијано-придружба на Иван Еминовиќ. Програмата на концертот е посветена на оперското творештво на Волфганг Амадеус Моцарт, а публиката ќе има можност во изведба на Јосифов и Еминовиќ да слушне арии од познатите опери „Свадбата на Фигаро“, „Така прават сите“, „Бастиен и Бастиена“, „Идоменео“ и „Дон Џовани“.
Биљана Јосифов (1989) дипломира и магистрира соло-пеење на ФМУ во Скопје, со посебна почест (класа на проф. Славица Петровска-Галиќ). Нејзината посветеност и приврзаност кон музиката резултираат со голем број јавни настапи, концерти и натпревари, на кои освојува голем број награди и признанија. Таа е солистка во Националната опера и балет, а своето музичко деби го реализира на 18-годишна возраст. Како солистка во Националната опера и балет одиграла главни и споредни улоги во повеќе од 70 претстави, а настапила и на голем број солистички концерти и рецитали во земјата и надвор од нејзините граници.
Иван Еминовиќ се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, каде што во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено добивајќи ја наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент. Како пијанист одржал поголем број концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Македонската опера и балет.