Босна и Херцеговина

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, вчера во Москва оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин, на што жестоко реагираше американската амбасада во Босна и Херцеговина.
Според повеќе извори, на средбата во Кремљ, Путин изразил задоволство од пријателскиот однос на Република Српска, како и за фактот дека Босна и Херцеговина не ѝ наметнала санкции на Москва најмногу поради противењето на РС.
Од своја страна, Додик истакнал оти на Република Српска ѝ е потребна соработка со Русија на економски план.
– Српска останува упорна на ставот дека не следи политики што одат само во една насока – истакнал Додик.
Тој му врачил на Путин Орден на Република Српска за особена патриотска грижа и љубов кон РС, а со рускиот претседател размениле мислења за состојбите во Република Српска и регионот и дека ќе продолжат со секаков вид соработка.
– Продолжуваме со интензивна изградба на руско-српскиот центар во Бања Лука – порача Додик.
Од друга страна, средбата Додик – Путин наиде на жестока реакција на американската амбасада во БиХ, која оценува дека ниту една влада, на ниту едно ниво, не треба да ја проширува соработката со Русија во време кога таа земја „води агресивна војна“ против Украина.
Коментирајќи ја средбата на Додик и Путин, Амбасадата на САД во БиХ оценува дека одлуката на Додик да се сретне со рускиот претседател е кратковида и не им служи на интересите на граѓаните на Република Српска. Оттаму додаваат дека патот до сигурна иднина за БиХ води преку Брисел, а не преку Москва.
– Патот до демократска, просперитетна и безбедна иднина, кој го посакуваат сите граѓани на Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги и жителите на Република Српска, води низ Брисел, а не Москва. Отстапувањето на претседателот Додик од овој пат е контрапродуктивно и штетно – потенцираат од американската амбасада во Сараево.
Претходно во понеделникот, претставникот на Република Српска во Русија, Душко Перовиќ, најави во интервју за „РИА новости“ дека наскоро ќе биде отворен конзулат на Руската Федерација во Бања Лука.
– Процесот е завршен. Одамна е договорено, потпишан е и билатерален договор. Сега е во тек техничкото опремување на зградата во Бања Лука и се надевам дека наскоро ќе биде отворен конзулатот – изјави Перовиќ.
Според него, Република Српска е подготвена да плаќа за рускиот гас во рубли.
– „Газпром“ го продолжува главниот договор секоја година, па ја добиваме цената – всушност, пазарната цена, но според старата формула. Подготвени сме да плаќаме во рубли. Ова е техничко прашање. Се разбира, сега се соочуваме со тешкотии со плаќањето бидејќи доцнат трансферите преку кореспондентни банки – рече Перовиќ.
Тој уште додал дека Советот на министри на БиХ дал согласност за почеток на преговорите за изградба на гасовод за снабдување со руски гас, а се планира и поврзување со гасниот систем на Србија.
– Проектот моментално е во фаза на подготовка – појасни Перовиќ.