Зоја Бузалковска со нова претстава

Премиера на претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска е закажана за вечерва, во 20 часот, во МНТ. Улогите ги играат: Николај Алексеевич, Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски/Мартин Ѓоргоски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ, Мартин Ѓоргоски/Синан Ракиповски, Енис Билаловиќ.
– Го работиме Чехов, а тој е секогаш голем мегдан и никому не му е сеедно дали ќе влезе во тимот и како ќе го одигра својот дел. Наследениот и несмалениот пиетет не е случаен. Да го режираш или да го играш Чехов е секогаш тест и точка во која не е страшно да се згреши, но ако се успее, се блеснува. Со други зборови, сега-засега, да не нè подречам, со радост доаѓаме да отвориме некои возбудливи аспекти од делото што го работиме, да поставиме прашања, да загатнеме, да се соочиме, да се изнасмееме и да пуштиме понекоја солза… – вели режисерката во пресрет на премиерата.

Ова е прва поставка на „Иванов“ по цели 39 години по поставувањето на овој текст на сцената на МНТ. Претставата, според Бузалковска, ќе постави многу прашања, но основното ќе биде: Каде е местото на интелектуалецот во современото општество?
Преводот од руски јазик на драмата специјално за претставата го направи Драгица Најческа. Адаптацијата се состои од комбинација на двете верзии на „Иванов“. Најческа ги преведе и комедијата „Иванов“ и драмата „Иванов“ интегрално и тие ќе излезат во посебно печатено издание.
– Во резултат имаме одличен превод за адаптацијата на која работиме, кој балансира помеѓу Чехов од крајот на 19 век, почитувајќи ги сите специфики на неговиот драмски јазик и Чехов денес во МНТ, кој треба да ѝ се обрати на публиката од 21 век – вели Бузалковска.
Антон Павлович Чехов (1860-1904) се смета за еден од најголемите руски, но и светски драматичари. Започнува како автор на хуморески, продолжува со кратки раскази и новели, а останува запомнет како раскажувач, романописец и драмски писател, претставник на правецот натурализам. Мајстор е на малите забелешки од кои почнуваат и потоа опстојуваат големите нешта, мајстор е на кратката форма, како и мајстор на приказни и драми. Неговите дела „Иванов“ (1887), „Вујко Вања“ (1889), „Три сестри“ (1901) и „Вишновата градина“ (1904) денес се сметаат за бисери на руската литература и за непроценливо богатство на светската книжевност. Тоа се дела, кои како претстави се поставуваат речиси во сите светски театри од почетокот до денес.

Драмата „Иванов“ е негово прво поставено дело во театар и ја доставува како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва, тогаш мошне популарен кај тамошната публика. На денот на премиерата реакциите на публиката се различни: од громогласно аплаудирање, до свиркање, скокање од места и тропање со нозете до тепачка во галеријата. Но во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Сепак, поставката го потпишува самиот Чехов. Во писмото до неговиот брат, тој вели: „не ги препознавам своите први забелешки како мои“ и дека актерите „не ги знаат своите делови и зборуваат глупости“. Иритиран од ова, Чехов прави измени на драмата со што конечната верзија е различна од онаа првата. Изменетата верзија на драмата е прифатена во Санкт Петербург, каде што се изведува во 1889 година. Ревидираната верзија е успешна и нуди предзнак на стилот и темите на неговите следни ремек-дела.
Во Македонија, Чехов за првпат е поставен во 1950 година, во Театарот на народностите – Турскиот театар, каде што таа година се поставени драмите „Мечка“ и „Просидба“. Оттогаш, низ годините, на различни сцени се поставени сите негови драми.

В.Д.