Фото: Игор Бансколиев

Протести во Грција против воведувањето нови форми и содржини на документи за лична идентификација

Подготвил: Mарјан Велевски

Во Солун на протест се собраа маса граѓани демонстрирајќи незадоволство во врска со новите лични карти, што ќе бидат воведени кон крајот на тековниов месец. Демонстрантите, носејќи национални знамиња и транспаренти, извикуваа слогани за осуда на новите лични карти и на Владата, при што ја пееја националната химна. Тие го пуштија и говорот на починатиот поранешен поглавар на Грчката православна црква, архиепископот од Атина, Христодулос, во кој тој зборува за непријателите на грчкиот народ.

Новите лични карти содржат чипови што ќе им овозможат на властите точно да ја одредат локацијата на сопственикот?!

Револтот на граѓаните се однесува на воведувањето на новите електронски лични карти, кои ќе ги заменат сегашните грчки лични карти и ќе ги содржат истите информации, како име и презиме, име на родителот, адреса и висина. Единствените дополнителни информации, како што е крвната група, се опционални.

Но картичките што ќе се издаваат како идентификациски лични карти поттикнаа теории на заговор, при што некои тврдат дека новите лични карти содржат чипови што ќе им овозможат на властите точно да ја одредат локацијата на сопственикот на картичката или дури да го контролираат нивниот ум. Повеќето од противниците на новите лични карти се длабоко религиозни. На протестот тие носеа крстови и верски икони.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на неодамнешниот состанок на Владата изјави дека личните карти нема да содржат „никаков чип или камера или уред за прислушување“.

Нов протестен и многу помасовен собир е закажан за следниот викенд во главниот град Атина

Односот на граѓаните против личните карти стана проблем за Грчката православна црква бидејќи некои од епископите отворено ги поттикнуваат протестите. Атинскиот архиепископ Јеронимос, кој е поумерен од својот претходник Христодулос, најави дека за неколку дена Светиот синод на црквата ќе објави соопштение за новите лични карти и ги повика верниците на „разумност и мудрост“.

Новите лични карти, кои се во согласност со стандардот на ЕУ, ќе станат задолжителни до август 2026 година.

По маршот низ центарот на Солун тие мирно се разотидоа, а нов протестен собир е закажан за следниот викенд во главниот град Атина.