Фото: ЕПА

Претседателите на Русија и на Турција се состанаа вчера во Сочи, Русија

Подготвил: Mарјан Велевски

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера пристигна во руското одморалиште Сочи, каде што ги започна официјалните разговори со својот руски колега Владимир Путин. Како што пренесуваат медиумите, Путин му пренел на Ердоган дека Русија е отворена за разговори за договорот за извоз на украинското жито преку Црно Море, откако Русија се повлече од договорот во јули, жалејќи се дека извозот на руската храна и ѓубриво се соочува со пречки и дека недоволни количества украинско жито одат во земји на кои им е најпотребно.

Како што беше најавено во подготовките за средбата, главниот акцент ќе биде ставен на тоа Ердоган, кој и досега имаше важна улога во убедувањето на Путин да се придржува до договорот, да се обиде да го наговори рускиот лидер да се врати во договорот.
– Знам дека сакате да го отворите прашањето за договорот за житото. Ние сме отворени за разговори по ова прашање – рекол уште на почетокот Путин.

Ердоган му возвратил дека светот чека позитивни вести за договорот.
– Сите го чекаат исходот од денешниот состанок. Верувам дека пораката што ќе ја испратиме ќе биде важен чекор за целиот свет, особено за африканските земји – рекол Ердоган.

Путин најави дека Русија ќе се врати во договорот ако Западот го испочитува меморандумот за олеснување на извозот на руските храна и ѓубриво. Тие не се најдоа под западните санкции, но Русија кажа дека испораките се попречени од ограничувањата во плаќањето, логистиката и осигурувањето.