Поранешниот американски пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел остро ја критикуваше актуелната политика на САД кон Балканот - Фото: ЕПА

Поранешниот висок американски дипломатски претставник Ричард Гренел со забелешки за неконзистентноста на надворешната политика на САД

Наивно е да се смета на експанзија на странски бизнис во регионот, каде што физичката безбедност на луѓето и имотот е загарантирана со присуството на војниците на НАТО, изјави поранешниот висок американски дипломатски претставник Ричард Гренел

Подготвил: Mарјан Велевски

Поранешниот американски пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, по повод три години од потпишувањето на Вашингтонскиот договор изјави дека „по заминувањето на Доналд Трамп од функцијата претседател на САД, односите меѓу Белград и Приштина се имаат влошено“.

Тој децидно посочи дека актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, јасно ставил до знаење дека „Балканот не е приоритет“, и се обиде тоа да го образложи во еден косовски медиум.
– Наивно е да се смета на експанзија на странски бизнис во регионот, каде што физичката безбедност на луѓето и имотот е загарантирана со присуството на војниците на НАТО – изјави поранешниот висок американски дипломатски претставник Ричард Гренел.

Според оцената на Гренел, и односите меѓу Белград и Приштина се нарушени поради напуштањето на дипломатското, политичкото и економското раководство на актуелниот американски претседател Џо Бајден.
– Како што ме упати претседателот Трамп пред да почнеме да преговараме за договорот од 2020 година, единствениот начин страните да се движат кон подобра, посигурна иднина би било да ги отфрлат неуспешните барања и точките за разговор и политичките ќор-сокаци во изминатите 20 години. Неопределеното очекување дека историските грешки мора да се поправат пред да следуваат мир, безбедност и просперитет само го продолжува конфликтот, кој веќе ги чини премногу двете општества – изјави поранешниот висок американски дипломатски претставник Ричард Гренел.
Тој додаде дека САД им должат на младите од Косово и Србија создавање подобра иднина.

Критика за неспособноста на ЕУ за односот кон Југозападен Балкан

Одлуката на претседателот Бајден да го отстапи американскиот дипломатски и економски ангажман во регионот на „аналитичката парализа на Европската Унија“, според Гренел, само ги влоши работите.

Показател дека достигнувањата на Трамп се откажани е дека „мораториумот за членство на Косово во меѓународните институции не е продолжен“, образложува поранешниот висок американски дипломатски претставник Ричард Гренел.
– Можеби најголемиот знак дека овие достигнувања од ерата на Трамп се поништени беше неуспехот на администрацијата на Бајден и нејзините колеги од ЕУ да го продолжат договорениот мораториум на барањата на Косово за ново членство во меѓународните организации во замена за едногодишен мораториум на српската кампања за отповикување на признавањето на Косово – посочи Гренел.
Тој додава дека мора да се направи повеќе доколку мирот и просперитетот меѓу Косово и Србија, но Балканот, како што вели, не се приоритет за Бајден.

Балканот и балканските народи не се приоритет

– За жал, Џо Бајден и неговата администрација јасно ставија до знаење дека Балканот и балканските народи не се приоритет. Јасно е дека народот на Косово, Србија и пошироко на Балканот има голема корист од мандатот на Доналд Трамп во Белата куќа и искрено се надевам дека ќе видиме уште една администрација на Трамп, со цел да го направи Балканскиот Регион повторно главен приоритет за Америка – заклучи Гренел.

Да потсетиме дека со Вашингтонскиот договор, меѓу другото, беше договорен едногодишен мораториум, односно дека Приштина нема да работи на приклучување кон меѓународни институции и организации, а Белград нема да спроведува дипломатски активности насочени кон повлекување на одлуката за признавање на таканаречена независност на Косово.

Главниот фокус на економскиот документ, кој имаше 16 точки и две верзии, беше формирање развоен фонд и отворање на регионалната меѓународна финансиска корпорација за развој во Белград.

Исто така, некои од точките се однесуваа на изработка на студија поврзана со езерото Газиводе, изградбата на автопатот Белград – Приштина, обновувањето на железничкиот сообраќај, а поддршка ѝ беше дадена и на иницијативата Отворен Балкан.