Дваесетгодишен француски државјанин е пронајден мртов во раните утрински часови на плажа во Ксамил, едно од најпознатите туристички места во јужна Албанија.
Според информациите од албанската полиција, телото на Мигел Мендес било откриено околу 5.15 часот на лежалка пред угостителски објект. Првичните сознанија укажуваат дека смртта најверојатно била предизвикана од убод со нож, пренесе „Газета Експрес“.
За случајот е осомничен 29-годишниот Сократ Вата од албанскиот град Хас, кој, според полициските информации, избегал веднаш по инцидентот.
По него веднаш била организирана полициска потрага, а осомничениот на крајот бил пронајден на контролен пункт во Леван, во областа Фиер.
Полицијата го открила Вата скриен во багажникот на автомобил управуван од 31-годишна турска државјанка. Во возилото се наоѓал и 38-годишен турски државјанин.
Осомничениот и двајцата турски државјани биле приведени и спроведени во Регионалната дирекција на полицијата во Валона за понатамошни процесни дејствија.
Албанската полиција соопшти дека истражниот тим, под раководство на Обвинителството, продолжува со работата на целосно расветлување на случајот и документирање на сите околности поврзани со убиството.
Истрагата треба да утврди што точно му претходело на нападот и кои биле мотивите за смртоносниот напад врз младиот француски турист.




































