Фото: МИА

Во тек се подготовките за заминувањето на дипломатот Крум Ефремов за нов амбасадор на Македонија во Софија, потврди денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, пренесе МИА.

Муцунски на прес-конференција информираше дека постапката за именување на амбасадорот во Бугарија веќе е во фаза во која информацијата не е класифицирана и може јавно да се соопшти името на кандидатот.

Тој го опиша Ефремов како искусен и професионален дипломат, кој во моментов е директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи. Ефремов претходно ја извршувал и функцијата амбасадор на Македонија во Украина.

-Во моментот течат подготовките за негово заминување во Софија – рече Муцунски.

Министерот потсети и на измените на Законот за надворешни работи, со кои, како што посочи, е зголемен прагот за застапеност на професионални дипломати на амбасадорски и конзулски позиции.

Според новите законски одредби, најмалку 50 проценти од амбасадорите и генералните конзули треба да бидат професионални дипломати од Министерството за надворешни работи. Муцунски истакна дека практиката досега покажала и поголема застапеност, бидејќи над 60 проценти од кандидатите за амбасадори и генерални конзули предложени од актуелната Влада се професионални дипломати.

Во однос на информациите за можниот нов амбасадор во Атина, Муцунски рече дека засега не може да го коментира името бидејќи постапката сè уште е во класифицирана фаза.