Американската војска се извини откако нејзините војници случајно влегоа во фабрика за сончогледово масло за време на вежба одржана минатиот месец во Бугарија, пренесува „Си-ен-ен“.

Војниците на 173-тата воздушна бригада тренирале со месеци како да го заземат аеродромот во Чешнегирово. За време на вежбата на 11 мај, војниците влетале во градба покрај аеродромот за која верувале дека е дел од областа за обука, но во неа се наоѓале цивили кои работат со приватен бизнис.

– Армијата на САД го сфаќа тренингот многу сериозно и става приоритет на безбедноста на нашите војници, на сојузниците и цивилите. Затоа се извинуваме на фабриката и нејзините вработени. Ние постојано учиме од вежбите, и ја истражуваме причината за грешката. Ќе спроведеме ригорозни процедури за јасно да ги дефинираме области за обука и да спречиме вакви инциденти во иднина – се вели во соопштението на американската армија.

Видеоснимки од безбедносните камери на фабриката покажуваат како американските војници влегуваат и излегуваат додека вработените збунето гледаат во нив. Ниеден куршум не бил испукан за време на вежбата.

Бугарскиот претседател Румен Радев го осуди инцидентот и рече дека очекува истрага.

– Недозволиво е животот на цивилите да биде вознемирен и загрозен од воени формации, без оглед на тоа дали тие припаѓаат на Бугарија или на некоја друга армија. Воените вежби на територијата на Бугарија треба да придонесат во градењето безбедност и доверба во колективна одбрана, а не да предизвикуваат тензии – изјави Радев.