Бајден (лево) и Путин ќе се сретнат на 16 јуни

САД испраќаат сигнали за заострување на односот кон Русија

Прелетувањето на авионите на САД и на сојузниците над земјите-членки на НАТО и реакцијата на американскиот претседател Џо Бајден кон сајбер-нападите, сугерираат дека Америка зазема поцврст став кон Русија.

Речиси 100 авиони од 22 земји членки на НАТО прелетаа над држави кои членуваат во Алијансата во рок од 12 часа, во рамки на воената вежба „Сојузничко небо“, наведува „Си-ен-ен“, истакнувајќи дека САД и сојузниците на тој начин испратиле порака кон Русија. Вежбата беше спроведена во период кога авионите на американското воздухопловство се пресретнувани од руски воени авиони при прелетите над Источна Европа, Балтикот и над Црното Море. Американските воени власти во изминатата деценија ги осудија ваквите средби со руските авиони, што претставува дел од практиката на двете страни која потсетува на ерата на Студената војна.

Сајбер-нападот врз најголемата светска компанија за дистрибуција на месо „Џи-би-ес“ од страна на криминална група за која се претпоставува дека е од Русија, ја зголеми решителноста на администрацијата на Џо Бајден да бара одговорност од Москва за скапите сајбер-напади, иако тие не се директно поврзани со Кремљ, пренесува „Ројтерс“.

Бајден покрена истрага за заканата која ја претставуваат сајбер-нападите и тој ќе разговара за овој проблем со рускиот претседател Владимир Путин кога ќе се сретнат на 16 јуни, соопшти Белата куќа.

Бајден, кој претходно ја критикуваше Русија и за затворањето на опозиционерот Алексеј Навални како и за распоредувањето на војска во близина на границата со Украина, ќе бара од сојузниците во НАТО, лидерите во ЕУ и државите од Г7 да поддржат цврст заеднички став кон Русија, на засебни самити, пред тој да се сретне со Путин, според информациите од американски официјални лица.

– Бајден е цврст. Тој ќе му каже на Путин дека сега е доста. Морате да прекинете или ние ќе преземеме нешто – вели сајбер експертот Џејмс Луис, повикувајќи се на информации од луѓето кои го брифираат Бајден, од кои дознал дека се очекува американскиот претседател да биде остар кон Путин за време на нивната средба.

Згора, белата куќа соопшти дека директно комуницира со руската влада, со што покажува јасна промена кон нова порешителна американска политика кон Русија на хакирањето, сметаат познавачите на состојбите.