Ирачките демонстранти го блокирале влезот во објектот за рафинирање нафта во градот Насирија, кој се наоѓа на околу 370 километри југоисточно од Багдад, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата објави дека блокадата веќе резултирала со недостиг од гориво во провинцијата Ди Кар.

Веста доаѓа во услови на нови немири во Блискиот Исток, а демонстрантите излегуваат на улиците за да ѝ се спротивстават на владата, при што бројни насилни судири резултираа со смртни случаи.

Оваа есен повторно избувнаа масовни собири откако бројни луѓе протестираа против влошувањето на јавните услуги и корупцијата, барајќи оставка на владата. Според Ирачката независна комисија за човекови права (ИХХР), повеќе од сто демонстранти биле убиени, а околу 5.500 се повредени во есенските демонстрации.