Црна Гора за девет месеци годинава увезе медицински и фармацевтски производи во вредност од 77,7 милиони евра, што е за 24 отсто повисоко во однос на истиот период лани. Надлежните органи признаваат дека потрошувачката на лекови константно се зголемува, но објаснуваат дека овој тренд е присутен и во Европа. Сепак, во земјите на Европската Унија има за половина помал раст на трошоците за лекови. Во Црна Гора има и повеќе аптеки според бројот на жители. Просекот во ЦГ е една аптека на 2.700 жители, а во Европа има една аптека на 3.000 граѓани, пишува дневниот весник „Вијести“.

Според податоците на црногорската агенција за лекови и медицински средства, потрошувачката за лекови од 2012 година расте со просечна стапка од осум отсто.
Граѓаните на ЦГ најмногу користат лекови против кардиоваскуларни болести, а во 2017 година повеќе од 50 отсто од смртноста била предизвикана од овие заболувања. Во последните шест години, потрошувачката за лекови од оваа група учествува со 34 отсто од вкупната потрошувачка на лекови.
Побарувачката за лекови е во постојан пораст, поради пронаоѓање нови иновативни лекови, кои се поскапи.

Годинава за лекови се издвоени осум милиони евра повеќе во однос на 2017 година, а дури 15 милиони споредено со 2016 година. Ова значи дека секој граѓанин просечно платил 137 евра за лекови.
Во земјите од Европската Унија годишниот пораст на потрошувачката за лекови во просек расте за 3,8 отсто. Причини за тоа се продолжениот животен век и демографските промени, односно стареењето на популацијата, што е поврзано и со поголем број заболени лица.