Од 2017 година до денес речиси двојно е зголемен бројот на децата бегалци без придружба што пристигнуваат во Грција, а во овој момент во земјата има 4.800 малолетници, од кои 1.178 се на непозната локација, објави заменик-министерката на труд и социјала на Грција, Домна Михаилиду, на прес-конференцијата, на која наедно презентира и податоци за децата бегалци без придружба.
Во 2017 година биле регистрирани 2.500 деца, во јули годинава 4.000, а сега се веќе 4.800 деца.

– Се очекува бројот драматично да се зголеми, затоа што пристигнувањата на државјани од трети земји од почетокот на летото се зголемени и достигнуваат и до 500-600 лица дневно. Најголем број деца бегалци без придружба се од Авганистан – 43 отсто, од Пакистан се 25 проценти и многу мал дел, од девет до 10 отсто, се од Сирија – рече Михаилиду.

Откако децата бегалци без придружба ќе пристигнат во Грција и ќе го поминат процесот на идентификација и регистрација, се згрижуваат на неколку начини: или остануваат во прифатните центри во т.н. безбедна зона или ги пренесуваат во специјалните пансиони наменети за нив или, пак, во хотели. Долгорочно, пак, може да поднесат барање за азил во Грција или да побараат обединување со семејствата.
Од 1.178 до 4.800 деца без придружба, како што рече заменик-министерката, се наоѓаат „под несигурни услови“, односно никој не знае каде се, бидејќи побегнале од пансионите, хотелите или безбедните зони во кои биле згрижени.