Со тоа се означи последниот дел од седумгодишните подготовки за почетокот на Игрите, кои треба да почнат на 26 јули

ЛОИ – ВО АНТИЧКА ОЛИМПИЈА

Факелот за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, вчера беше запален во античка Олимпија, на традиционална церемонија, со што се означи последниот дел од седумгодишните подготовки за почетокот на Игрите, кои треба да почнат на 26 јули. Грчката актерка Мери Мина го запали факелот користејќи резервен пламен наместо параболично огледало што вообичаено се користи, поради облачното небо, за почеток на штафетата, која тргна од Грција кон Франција, а ќе кулминира со палење на олимпискиот оган во Париз на свеченото отворање, пишува агенцијата „Ројтерс“. Париз третпат ќе биде домаќин на ЛОИ, по 1900 и 1924 година.
– Во овие тешки времиња во кои живееме, со војни и конфликти во пораст, на луѓето им е прекуглава од сета омраза, агресија и негативни вести со кои се соочуваат секој ден. Копнееме по нешто што нѐ зближува, нешто што обединува, што ни дава надеж. Олимпискиот оган што го палиме денеска е симбол на оваа надеж – рече во поздравниот говор претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, пренесе „Ројтерс“.
По 11-дневно штафетно пренесување низ Грција, факелот со брод ќе замине за Франција, каде што на 8 мај ќе пристигне во Марсеј. Француската штафета потоа ќе се движи 68 дена, а ќе заврши во Париз со палење на олимпискиот оган на 26 јули. Г.И.