Весели математики, жални приказни

Познатиот српски новинар, писател, афористичар и поет Душко Радовиќ рекол: „Пред да сакате да го поправите светот, поправете си ја чешмата во домот“.
Светот би бил посреќен и поубав кога секој би знаел да си ја поправи барем чешмата во домот.
А навистина, во наша Македонија има голем број чешми за поправање, особено во домовите на нашите политичари. Деновиве повторно се изнаслушавме дека „ќе тече мед и млеко во иднина во наша Македонија“. Во ред, ние граѓаните и сакаме да биде така, ама поетот Радовиќ опоменува дека оние што ќе дојдат, здравје, до можност да направат Македонија да биде Швајцарија, најпрвин да погледнат во своите домови. Оттаму да тргнат. Таму чешмите да не им капат, дворовите да им се заметени, а домовите да им функционираат токму како швајцарски часовник.
Еве, иако не сум човекот кого граѓаните ќе имаат можност да го изберат да биде нивен претставник во државните институции, јас сепак можам како претставник од седмата сила да обрнам внимание што треба да се направи во нашата Македонија, почнувајќи од својот дом – од Битола! На крајот на краиштата, тоа ми е и должност и света професионална мисија како новинар! Да обрнувам внимание на „оние што одлучуваат“ и кои ги имаат лостовите за управување во свои раце, да направат сѐ што е во интерес на граѓаните. Ништо повеќе и ништо помалку.
Еве, да тргнеме од Битола. Случајот со реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, кој и по 11 години по пожарот сѐ уште не е обновен е најдобар пример за тоа колку политичарите се држат до зборот и ги исполнуваат своите ветувања. Пред повеќе од 11 години, кога во катастрофалниот пожар до темели изгоре планинарскиот дом, уште наредниот ден тогашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, со својот експертски тим се искачи кај „Копанки“ и вети неговата брза и целосна реконструкција. Од тогаш изминаа цели 11 години, а во меѓувреме се сменија дури тројца градоначалници, од Талески, преку Наташа Петровска и сегашниот Тони Коњановски, кои ветија брза обнова на „Копанки“ и пиење чај во овој култен планинарски дом, но од обновата на домот и по 11 години сѐ уште нема ништо.

Тој и натаму стои таков каков што беше по пожарот, разрушен до темели, во пепел и прав, како нем сведок на немоќта и неспособноста на локалните политичари да го обноват.
Она што особено ја револтира и иритира битолската јавност е што додека по пожарот се предвидуваше обновата на „Копанки“ да ја чини Битола околу пет милиони денари, сега велат дека за неговата реконструкција само до карабина ќе требаат, ни помалку ни повеќе, најмалку 500 илјади евра, а според претседателот на ПСК „Пелистер“, Диме Попов, комплетната реконструкција со внатрешниот дел на домот ќе чини многу повеќе, а можеби и дури околу еден милион евра. А како да се реконструира домот кога од буџетот на општината за оваа години за таа намена се издвоени само незначителни еден милион денари.
Битолчани, кои во изминатите не само години туку и децении, кога станува збор за проектите на политичарите и нивните весели математики виделе сѐ и сешто, се плашат дека и судбината на планинарскиот дом „Копанки“, кој е нереконструиран цели 11 години, ќе ја доживее судбината на многу ветени и почнати, но незавршени проекти, кои останале мртво слово на хартија.
Така беше и со затворениот базен во Техничкото училиште, кој беше почнат пред локалните избори во далечната 1994 година, така и со десетици други проекти, кои предизборно ги ветиле, не само локалните власти туку и политичките елити од државата за време на промоцијата на своите предизборни партиско-политички проекти. Поради таквите весели математики и непромислени предизборни ветувања, Битола и денес нема аеродром во Логоварди, затворен базен во ОУ „Даме Груев“, аквапарк во касарната, голф-терени во Братиндол, подземни и катни гаражи во центарот на градот, филмски град, нова противпожарна зграда и полициска станица, акцелератор во Клиничката болница, влезови од Охрид и Прилеп кон Битола, градинки за најмладите, нови основни училишта, Соборниот храм, кој во Нова Битола е почнат пред повеќе од 30 години, сѐ уште не изграден… Сите тие проекти беа предизборно ветувани и иронијата да биди поголема предвреме платени, но, за жал, сѐ уште се некаде во архивите на локалната самоуправа.
Иронијата да биде поголема, на вакви или слични проекти жртви не се само битолчани туку во најголем број и другите граѓани во државата, на кои пред секои избори, било тие да се локални, претседателски или парламентарни, им се ветуваат разно-разни старо-нови проекти, кои во најголем број немаат речиси никаква финансиска конструкција. Во настојувањето да се освои секој глас на граѓаните се ветуваат илјадници проекти, кои и самите тие што ги нудат и ветуваат се свесни дека не можат да ги реализираат. Речиси во сите градови во државата има такви планирани, проектирани, почнати и незавршени проекти, кои скапо ја чинат државата. Кога би ги набројувале би ни требало многу простор.

Такви споменици во државата има безброј, почнувајќи од автопатот преку Бабуна, па железничката пруга кон Бугарија, пругата од Битола до Лерин, автопатиштата низ Македонија, а особено Охрид – Кичево, па изградбата на Клиничкиот центар во Скопје и Штип, скијачките центри на Шапка и Кожув…
И наместо по толку многу понудени и презентирани, но неизградени проекти политичарите да се соземат и да се засрамат, тие и натаму пред секои избори нудат старо-нови проекти, кои се нудат во огромен број и денес, кога државата се соочува со огромна финансиска криза и кога исплатата на буџетските корисници се врши благодарение на подигнатите кредити и заеми, кои во најголем број се со грејс-период и кои ќе треба да ги исплаќаат следните генерации.
Затоа крајно време е политичарите да прикочат малку со ветувањата и кога станува збор за нудење проекти најпрво добро да размислат и да се држат до народната „пушти си ги нозете колку што ти е долга чергата“ или, пак, „десетпати мери, еднаш сечи“.
Ако ни тоа не им е доволно, тогаш барем да ја прочитаат мислата на Душко Радовиќ, која вели дека пред да сакаат да го поправат светот, да си ја поправат својата чешма во домот.