Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Во првиот меч на гости со холандскиот Динамо Апелдорн, Струмица загуби со 0-3

Одбојкарите на Струмица, првакот на Македонија, вечерва (19 часот), во салата „Јане Сандански“ во Скопје ќе се обиде да ја надомести негативата од првиот меч на гости против холандскиот Динамо Апелдорн што го загубија со 0-3 (20-25, 13-25, 16-25) во прелиминарната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ). Тренерот на струмичани, Кире Ричлиев, на вечерашниот меч ќе може да смета на тројцата клучни одбојкари, засилувањата од Русија, кои не добија визи и не можеа да патуваат за Холандија на првиот натпревар.
– Ќе бидеме комплетни и многу посилни во реваншот. Овој тим на Струмица поседува квалитет и искуство и очекувам многу подобра игра и наша победа. Сѐ ќе биде поразлично отколку на првиот меч, на кој не бевме комплетни. Ќе биде тешко, но ќе се обидеме да им возвратиме со иста мера и да се квалификуваме во следното коло – вели Ричлиев.

Доколку Струмица го елиминира Динамо Апелдорн, следен противник во ЛШ ќе ѝ биде португалска Бенфика. Со случај на елиминација, Струмица ќе ги продолжи настапите во европска конкуренција, во Купот на ЦЕВ, против хрватскиот тим Мурса од Осиек. Л.Д.