Според последните информации, на Скопскиот мартатон, под мотото „Трчањето ќе ве промени“, утре од осум часот ќе учествуваат вкупно 11.079 натпреварувачи од 53 земји, во трките маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10 км – 11 км – 10 км – 11 км) и трката за рекреативци на пет километри, која е и најмасовна трка од сите

АТЛЕТИКА – УТРЕ СЕ ОДРЖУВА 19-ОТ СКОПСКИ МАРАТОН

Најмасовната спортска манифестација „Скопски маратон“, која се состои од трките маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10 км – 11 км – 10 км – 11 км) и трката за рекреативци на пет километри, која е и најмасовна трка од сите, по 19-ти пат ќе се одржи утре низ улиците на Скопје, со почеток во осум часот. Според последните информации, на него ќе учествуваат вкупно 11.079 натпреварувачи од 53 земји, под мотото „Трчањето ќе ве промени“, а меѓу кои ќе има и неколку маратонци од Кенија во машка и во женска конкуренција, кои се и фаворити за највисок пласман. Радува фактот што годинава бројката е многу поголема отколку лани, кога трчаа 8.500 атлетичари, но сепак рекордна е онаа во 2019 година, кога имаше 12.500 учесници, како и тоа дека утре временските услови ќе бидат поволни.
– Со голема поддршка на многубројните спонзори, кои сѐ потешко се наоѓаат, меѓутоа сѐ уште постојат, и кои го сфаќаат значењето на овој настан за нас и за населението, за што повеќе да се излезе на улиците, што повеќе да се трча, да се развива таа спортска култура и да имаме поздрава нација, „Скопскиот маратон“ прерасна во една манифестација што е најголема во Македонија и на која веќе станува престиж да се учествува – рече меѓу другото пред овој голем спортски настан Зоран Стојановиќ, претседател на Сојузот на спортови на Скопје.
Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени волонтери, кои ќе бидат вклучени во реализацијата на годинешното издание, но секако и сите поддржувачи и покровители на овој голем настан. Од вчера почна издавањето на стартните пакети за сите учесници во СЦ „Јане Сандански“, од 10 до 20 часот, кое ќе трае до денеска.
– Ги повикувам и сите граѓани да дојдат, затоа што ќе има еден спортски мини-саем, каде што дел од нашите партнери и други заинтересирани компании ќе ги претстават своите производи, а тука ќе се подигнуваат и стартните пакети. Денеска, во 19 часот, во соработка со италијанската амбасада во Скопје, организираме и мала забава, која е вообичаена за сите маратони во светот. Еден купон ќе чини 100 денари, но сите собрани средства ќе одат во хуманитарни цели, во здружението – информира директорот на „Скопскиот маратон“, Кире Синадиновски.

Патеката на трката е иста како и лани, а годинава пак се враќа и државното првенство во организација на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), што значи на патеката ќе трчаат најдобрите македонски маратонци.
Да потсетиме дека лани победија Киплимо Киплигат (2:18:19 часа) во машка и Кетрин Черотич (2:38:48 часа) во женска конкуренција, двајцата од Кенија. Најдобриот македонски атлетичар, кој победи во 2021 година, Дарио Ивановски (2:23:07) беше втор, а трет Никола Илиевски (2:43:28 часа). Ивановски и годинава е прв фаворит за висок пласман од македонските атлетичари. Успешниот настап на македонските претставници на ланскиот маратон беше заокружен со триумфите на полумаратонската трка. Кај жените победи Адријана Поп Арсова, (1:16:12 час), а кај мажите Жан Тошев (1:11:56 час). Г.И.