Апсолутно секогаш, па и во една ваква констелација на односи, се разбира дека приоритет е да се носат одлуки што ќе бидат во интерес на граѓаните и на државата, односно секогаш да се прави добра процена кога е најдобар момент да се преземат одредени чекори што ќе бидат од долгорочен стратегиски државен интерес, а кои истовремено нема да предизвикаат тектонски последици што би биле погубни за земјата. Тоа значи дека треба да се гради внатрешна атмосфера на доверба, на зближување, така што ќе се издигне квалитетот на животот на граѓаните со владеење на правото, со почитување на демократските вредности, со силна борба со корупцијата и криминалот, со ефикасно здравство и квалитетно образование, со развиена инфраструктура, добра економија, со чисти и здрави средини. Во тој момент етничките тензии ќе бидат неинтересни, опасностите од внатрешно подривање на државата многу помали, а Македонија ќе биде многу поконкурентна и за различни алтернативи, а секако дека ќе биде и поквалитетен партнер на Европа, вклучувајќи и на Грција и Бугарија, со кои ќе може отворено да разговара

Анализа: Потенцијални сценарија при евентуално раскинување на договорите со Бугарија и со Грција (2)

Актуелната политичка ситуација во земјава покажува што се случува кога клучните одлуки со кои се одредува иднината на државата се носат без широк политички и општествен консензус, набрзина, од одредени политички субјекти што очекуваат тоа да им донесе одредена политичка бенефиција.
Секогаш кога се поаѓа од партискиот наместо од националниот интерес се заглавува во „слепа улица“, бидејќи политичките опоненти не сакаат да поддржат одлуки во кои не учествувале, а уште помалку со нивната согласност да го билдаат рејтингот на конкурентската партија.

Договорите со Бугарија и со Грција се спротивни на меѓународното право, но…

Еднострано донесените одлуки никогаш не се одржливи на подолг рок, создаваат фрустрации во општеството и се закануваат уште подлабоко да го поделат општественото ткиво, што во крајна линија е опасно за иднината на државата.
Дел од стручната фела, во која се вбројуваат многу академици, професори, интелектуалци, подолг период ги анализира причините за тоа како Македонија се најде во целосно подредена улога во евроатлантските интеграции. Нивните анализи секогаш доведуваат само до еден заклучок, дека подредениот статус на земјава е инициран со прифаќањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија во 2017 година, како и со Преспанската спогодба потпишана една година подоцна во Нивици. Двата договора во целост го поткопаа државниот суверенитет, го укинаа статусот на македонскиот народ како државотворен, ги загрозија македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, или, кажано со јазикот на експертите во делот на меѓународното право, не се склучени во духот на Bona fides (добра верба), туку со заднински етноцидни намери. Таквите договори, доколку во практика функционираше меѓународното право, во старт ќе беа ништовни и немаше да бидат прифатени од меѓународните институции, но каде што владее силата нема правда, па, така, врз Македонија е наметната волјата на посилниот и земјата е доведена во подредена (вазалска) улога.
Од тие причини има кругови во и надвор од земјава што отворено заговараат Македонија еднострано да ги раскине договорите со Бугарија и со Грција, да се ослободи од наметнатиот јарем и да побара од ОН во иднина да ѝ се обраќа со нејзиното уставно име, Република Македонија, истото она што го признаа над 130 држави во светот, додека Грција во билатералната комуникација со земјава да може да го употребува името со географска одредница.
И додека некој заговара раскинување на двата договора, има и такви што сметаат дека едностраното раскинување на договорите ќе доведе до меѓународна изолација на земјава, прекинување на евроинтегративните процеси, блокади, економски колапс и слични погубни сценарија.
Како и да е, повеќе од извесно е дека при евентуално еднострано раскинување на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и на Спогодбата со Грција, Македонија несомнено ќе ги почувствува консеквенците од таквиот чин, а тие консеквенци ќе бидат иницирани како од внатрешни така и од надворешни фактори.

Краток осврт кон потенцијалните последици од евентуалното раскинување на спорните меѓународни договори

Неоспорен факт е дека меѓународните договори отсекогаш биле раскинувани, дали од едната или од другата страна, или, пак, се постигнувала заемна согласност дека такви какви што се се спротивни на интересите на земјите потписнички. Некои се репреговарале, во некои биле додавани анекси, а од некои една од страните целосно се повлекувала ако утврдела дека тоа не е во нејзин национален интерес.
Клучно за да не се направи внатрешен карамбол во државата е евентуалната одлука за раскинување на договорите да биде плод на една консензуална постапка, во која ќе бидат вклучени сите политички и општествени чинители, при што ќе се подготват издржани аргументи со кои ќе се образложи ваквата постапка, ќе се издвојат потенцијалните ризици и ќе се направи добра пресметка дали тој чекор би можел да ја дестабилизира државата.
Ако се тргне на „мускули“ и еуфорично да се раскинуваат договорите, на своја рака, без консензуален договор и без напипување на пулсот на втората страна, тогаш постои реална опасност од внатрешна дестабилизација на државата, без соседните држави воопшто да мрднат и со малиот прст.
Прво, мора да се земе предвид фактот дека Македонија е длабоко политички конфронтирана земја, во која дури и членови на семејства се раскарани поради партиски политики. Ако некоја партија се дрзне да донесе некаква одлука на своја рака, нејзиниот политички опонент во истиот момент ќе истапи од институциите, ќе ја блокира државата и своите постапки ќе ги брани така што ќе тврди дека ги брани евроатлантските принципи. Тоа секако ќе помине кај меѓународната заедница, која ќе продолжи да ги мотивира и помага таквите протести и блокади. Општеството ќе биде доведено на работ на конфликт, со градење на сегашниот наратив „за“ и „против“ Европа, што во основа е лажен наратив, бидејќи речиси сто отсто од македонските граѓани се за Европа без никаква дилема.
Од таквата политичка блокада излезот ќе се бара во избори, кои во една таква зовриена атмосфера ќе бидат тешки за организирање. На една страна ќе бидат „патриотите“, на друга „северџаните“ и тој антагонизам дотолку ќе се зголемува, што изборниот ден ќе личи повеќе на војна отколку на свечен ден кога граѓанинот ја има единствената можност да одлучува за иднината на својата земја. Не беше толку одамна кога изборите се одржуваа во некаква зовриена атмосфера и секогаш завршуваа со понекоја човечка жртва, а Македонија во никој случај не би сакала да ѝ се повторат таквите сцени, особено како земја-кандидат за членство во ЕУ.

Меѓуетнички тензии повторно во игра

Раскинувањето на договорите со Бугарија и со Грција уште повеќе може да ги разгори меѓуетничките тензии, кои никој не треба да ги потценува. Неодамнешниот пример на северот на Косово треба да е доволна опомена. Албанската заедница во земјава уште сега најавува дека нема намера да коалицира со ниту една партија или политичар што би се залагал за раскинување на двата договора. Вака како што сега се поставени работите, невозможно е да се формира функционална влада без Албанци во неа, така што државата ќе влезе и во владина криза, без никаква можност да се носат развојни политики или воопшто да се формира влада на подолг рок. Дополнителен проблем е што албанската заедница инсистира на овие два договора, кои се дел и од Уставот, а најавите за формирање заедница на албански општини во земјава врз основа на територијалната поделба се само отворена закана што ќе се случи ако некој реши да ги раскине договорите со Бугарија и со Грција. Не треба да се исклучат ниту контролирани оружени инциденти, кои лесно можат да излезат од контрола, како оној во кумановско Диво Насеље, кога терористичка група ликвидира осум македонски полицајци и притоа, откако се извлече од полицискиот обрач, во соседно Косово истите тие терористи беа дочекани како херои. Такви групи лесно ја минуваат границата и секаде можат да предизвикаат инциденти.
Не треба да се заборави и фактот дека Албанците во земјава веќе воспоставија паралелни институционални структури, го зајакнуваат инфраструктурното поврзување со Косово и Албанија, така што веќе де факто функционираат како посебна федерална единица. Неодамнешниот повик за федерализација од страна на движењето „Илирида“, кое се залага да формира партија и да учествува на следните парламентарни избори во земјава, е чекор во таа насока и не случајно одново се појавува сега. Во една од своите дебати на ова движење со граѓаните, целта беше одново да се реафирмира желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година за политичко-територијална автономија на Албанците. Со други зборови, ако Македонците се обидат да ги раскинат двата договора, ќе следува моментално прогласување на автономија во западна Македонија врз основа од резултатите на референдумот од пред нешто повеќе од три децении, со образложение дека Албанците сакаат да чекорат кон Европа, заедно со Албанија. Во таквата намера несомнено ќе бидат поддржани од кругови во Софија, Тирана, Атина и Приштина, што уште повеќе ќе ги засили внатрешните поделби во земјава, буквално до точка на вриење.

Договорите секогаш може да се раскинат, битен е тајмингот

Ова е само еден дел од потенцијалните опасности, кои би требало да се имаат предвид, особено од политичкиот естаблишмент, што би можеле да се реализираат однатре доколку Македонија се реши да ги раскине договорите со Бугарија и со Грција, бидејќи и Атина и Софија добро знаат дека токму албанскиот фактор во земјава е најголемиот гарант дека овие договори ќе опстојат уште долго време.
Во една таква констелација на односите, секогаш приоритет е да се носат интелигентни одлуки, кои ќе бидат во интерес на граѓаните и на државата, односно секогаш да се прави добра процена кога е најдобар момент да се преземат одредени чекори што ќе бидат од државен интерес, но кои истовремено нема да предизвикаат последици што би биле погубни за земјата. Тоа значи дека треба да се гради внатрешна атмосфера на доверба, на зближување, така што ќе се подигне квалитетот на животот на граѓаните со владеење на правото, со почитување на демократските вредности, со силна борба со корупцијата и криминалот, со ефикасно здравство и квалитетно образование, со развиена инфраструктура, добра економија, со чисти и здрави средини. Таква Македонија никој нема да сака да загрози. Во тој момент етничките тензии ќе бидат неинтересни, опасностите од внатрешно подривање на државата многу помали, а Македонија ќе биде многу поквалитетен партнер на Европа, вклучувајќи и на Грција и Бугарија, со кои ќе може отворено да разговара како низ една засилена соработка да се врати достоинството на еден повреден народ, без некој да се почувствува загрозено или уценето. Меѓународните договори, особено оние склучени без „добра верба“, секогаш може да се напуштат, но умешноста е во тоа да се погоди вистинскиот тајминг.

(продолжува)