ВМ Трајко Недев

Во категоријата над 50 години мажи, златото го освоија САД, Алкалоид е петти, а над 65 години германската екипа Ласкер Шахштифунг, додека Македонија е 12-та

ЗАВРШИ СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА

Членот на ШК Алкалоид, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев (2.465 рејтинг-поени), освои сребрен медал играјќи на втора табла на Светското првенство (СП) во шах за ветерани (категоријата над 50 години), кое завчера заврши во Струга, што претставува голем успех. Недев, кој беше поранешен селектор на македонската машка селекција, настапил на најмногу шаховски олимпијади за Македонија, 12 (а освоил бронза како прва резервна табла на ШО 1966, н.з.), впиша 5,5 поени од седум партии (пет победи, едно реми и еден пораз или 78,6 отсто успех), со играчки перформанс од 2.550 р.п. Прв е ВМ од САД, Грегори Каиданов (2.549 или 81,3 отсто). На првата табла златото го освои ВМ од Англија, Мајкл Адамс (2.662 или 88,9 отсто), додека ВМ Кирил Георгиев (2.542 или 56,3 отсто) е четврти. На третата табла златото му припадна на ВМ од САД, Јан Елвест (2.530 или 71,4 отсто), на четвртата ВМ од САД, Игор Новиков (2.513 или 75 отсто), додека ВМ Звонко Станојоски (2.351) е четврти (66,7 отсто). И на петтата или т.н. резервна табла најуспешен е ВМ од Исланд, Тхростур Тхорхалсен (2.382 или 75 отсто).
Во оваа категорија, шахистките на Македонија, кои со уште две селекции иако играа заедно со машките екипи, резултатите на крајот се сметаа одвоено, го освои ја вкупно 22-то место, со еден поен (осум) или едно реми и осум порази, но во женска конкуренција се трети, односно им припадна бронзата. Златото го освои Англија со девет бода (17,5), а среброто Кина со девет бода (17).
Македонскиот шампион Алкалоид (2.436 рејтинг-поени, рангиран четврти пред стартот) го освои петтото место на Светското првенство (СП) во шах за ветерани во Струга, во категоријата над 50 години, со 12 поени (22 по табли), односно пет победи, две ремија и два пораза. Во последното коло беше совладана третата екипа на Англија (2.115, рангирана 15-та) со 3,5-0,5. Георгиев, Недев и Станојоски славеа, а Богдановски ремизира.

Екипата на Македонија слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирана 20-та), загуби од Уругвај (1.909, рангиран 18-ти) со 1-3. Селковски и Атанасовски ремизираа, а Костадиновски и Атанасов загубија и со вкупно шест бода (11,5), односно една победа и по четири ремија и порази завршија на 19-то место.
Нов светски првак кај мажите станаа САД (2.514, рангирани први) со 15 бода (26), пред првата екипа на Англија (2.467, рангирани втори) со 14 (26,5), а трет е Исланд (2.435, рангиран петти) со 14 (24). Во последното коло САД ги победија Полска со 4-0, Италија и Црна Гора одиграа 2-2, Кина жени загуби од машката екипа на Англија 1 со 0-4, а Исланд ја победи Англија 2 со 2,5-1,5.
На ова СП, но во категоријата над 65 години, екипата на Македонија (2002, рангирана 18-та), која ја сочинуваа членови на ШК ветерани Скопје 72, го совлада со 3-1 Исланд (1.874, рангиран 24-ти). Цел поен освоија ФМ Илиќ и ФМ Кралевски и Стошевски, а загуби Трајковски, што беше доволно за 12-то место (шест места над почетниот ранкинг), со девет бода (18,5) или по четири победи и порази и едно реми. Златото го освои германската екипа Ласкер Шахштифунг со 17 бода (25,5), пред Англија 16 (26) и Словачка 13 (21). Кај шахистките настапија две екипи, а прва е Летонија со осум бода (16), која во вкупниот пласман е 18-та, а втора е Германија со осум бода (13,5 по табли), односно вкупно 19-та од 26 екипи. Г.И.

Шахистките на Македонија и директорот на СП, Зоран Стојчевски