Македонско овошје

Многу јасно е кон што тежнее албанската заедница во Македонија и веќе работи на остварување на вековната идеја за обединување на сите Албанци во една држава, Македонците веќе го изгубија приматот во својата матична држава и сега се под силен меѓународен притисок да ги отворат вратите за асимилаторските политики, сето тоа со амин на Европската Унија, која се интересира само како овој дел од Балканот да остане под нејзино влијание, без оглед кој го населува. Затоа и не се оптоваруваат со идентитетски прашања, оти воопшто не им е гајле дали уште еден народ ќе биде избришан од светската мапа на народи. И никој нека не се залажува со илузиите дека сме дел од НАТО и ништо не може да ни се случи, бидејќи ако земјата се подели меѓу членки на НАТО, тогаш интересите на Алијансата на геостратегиски план и натаму не се загрозени, а ќе биде решено едно вековно прашање на Балканот

Ниту најпроникливите аналитичари веќе не знаат во која насока оди Македонија, единствено што сите се согласуваат е дека работата не оди кон добро. Кавги, сплеткарења, мешетарења по туѓи дворови, а во меѓувреме тендерите си врват непречено, провизиите си се ставаат во џеб, а генерации и генерации македонски граѓани во иднина можат да заборават на државни инвестиции во инфраструктурата, во здравството, во образованието, оти ќе има пари само да се плаќаат ратите од сегашните задолжувања. Тоа е најдобриот рецепт како да се донесе државата до банкрот и очигледно тој рецепт веќе се спроведува. А банкротирана држава е лесна цел за оние што имаат поинакви планови со неа и сегашниот општ хаос, како на институционално, така на политичко, но и на општествено ниво, целосно им оди во прилог на злонамерниците. Не случајно пред десетина дена лидерот на ДУИ се појави со две интервјуа во кои јасно кажа кој е газда во оваа држава со години, кој преговарал и со Грција и со Бугарија, кој ги влече конците дали Македонија ќе ја биде или не. Можеби првиот човек на интегративците си го билдаше личното его и демонстрираше моќ по партискиот раскол и странските притисоци врз неговата партија, иницирани од многубројните коруптивни афери што постојано се туркаат под тепих, но, од друга страна, повторно тој е оној што кажува дали ќе има или не попис во оваа земја, дали ќе има влада, кога ќе има избори, кој ќе биде министер, обвинител за организиран криминал, кој ќе се амнестира, кој со кого ќе коалицира… Во тој негов наратив, ниту малку случаен, говори само за македонскиот и албанскиот народ во Македонија, креирајќи општа перцепција дека всушност станува збор за бинационална држава, во која Македонците и Албанците се главниот фактор, а сите други малцински заедници се обичен декор.

И тоа се турка иако Албанците во државата се 24 отсто, а Македонците над 70 отсто, но кога се има под контрола пописот, тогаш веселите математики се доста весели кога станува зборот за процентот на албанско население во земјава. Но, нејсе, кога подолг период се гради таков впечаток за бинационална држава, тој почнува така и да се доживува во реалноста и затоа на граѓаните почнуваат да им стануваат „нормални“ знамињата на туѓа соседна земја низ цела западна Македонија, никој не се чуди ниту на паралелните институции, ништо необично не е и тоа што премиерите и претседателите на соседните држави се доживуваат како свои, се излегува со планови за инфраструктурни поврзувања само со Албанија и со Косово, што само потврдува дека бинационалната држава веќе функционира на терен со полн капацитет.
Каде е тука македонскиот народ како втора националност во таа бинационална држава? Го нема никаде. Плански го исфрлија од Уставот, го изедначија со преостанатите малцински етнички заедници, му наметнаа „бугарски договор“ од кој никогаш нема да може да се ослободи ако не се согласи на тивка асимилација и коцките во мозаикот што некој го правеше во Тирана и Софија пред 80 години полека почнуваат да се склопуваат.
Затоа е ова финансиско девастирање на земјава додека на граѓаните низ „европските кампањи“ им се продава европската приказна. Интенцијата е земјата да се доведе пред банкрот, македонскиот народ да се соочи со асимилација, за сето тоа да се заокружи со губење на државата и конечно затворање на македонското прашање на Балканот.
Не случајно поранешниот советник и геополитички аналитичар на бившите албански претседатели Мета и Мајдани, Илир Кула, сликовито опиша што се случува со Македонија, дека сите соседи се послужиле со неа како со „македонско овошје“. Тој јасно кажува дека Албанците ја презедоа државата откако со Охридскиот договор ја ставија структурата на државата под своја контрола. Албанци се претседателот на парламентот, двајца заменик-претседатели на Владата, министерот за надворешни работи, претседатели на општини… Понатаму тој уште додава дека Грците го зеле името, Србите се намерачиле на црквата, а Бугарите го фрлиле пикот на идентитетот и историјата. Кога на еден народ ќе му ги одземеш идентитетот, јазикот, историјата, културата и црквата, тој народ повеќе не постои, туку е племе без своја држава.
– Што им преостанува на кутрите Македонци – праша албанскиот геополитички аналитичар, многу прецизно опишувајќи го овој народ како „кутар“, затоа што со својата кроткост и мирољубивост дозволи сите да му се качат на глава и пред очи да му ја земат државата.

Несомнено, она што не сакаат да го видат и да го признаат домашните политичари, многу пореално го согледуваат луѓето од страна, кои точно знаат кои се клучните моменти со кои се демонтираше македонската држава, ставајќи го акцентот на рамковниот договор, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба и сега сето тоа дополнето со барањето за уставни измени.
Токму така, ова се клучните моменти со кои се исцртаа контурите на идната прераспределба на силите на Балканот, каде што нема да има место за Македонија како држава на македонскиот народ, туку само територија на која живеат граѓани од различни националности што во одреден момент природно е да сакаат да се определат кон која држава ќе припаѓаат, односно која ќе им биде матична татковина. Затоа се форсира бинационалниот концепт. Многу јасно е кон што тежнее албанската заедница во Македонија и веќе работи на остварување на вековната идеја за обединување на сите Албанци во една држава. Македонците веќе го изгубија приматот во својата матична држава и сега се под силен меѓународен притисок да ги отворат вратите за асимилаторските политики, сето тоа со амин на Европската Унија, која се интересира само како овој дел од Балканот да остане под нејзино влијание, без оглед кој го населува. Затоа и не се оптоваруваат со идентитетски прашања, оти воопшто не им е гајле дали уште еден народ ќе биде избришан од светската мапа на народи. И никој нека не се залажува со илузиите дека сме дел од НАТО и ништо не може да ни се случи, бидејќи ако земјата се подели меѓу членки на НАТО, тогаш интересите на Алијансата на геостратегиски план и натаму не се загрозени, а ќе биде решено едно вековно прашање на Балканот.
Како и да е, факт е дека историјата се повторува и продолжува да ѝ се повторува на Македонија, за жал, секогаш оној неубавиот дел. Ако во следниот период не се најде сила што ќе почне да работи на средување на државата однатре, која ќе му го врати приматот на македонскиот народ како државотворен, која ќе работи на искоренување на корупцијата, на враќање на владеењето на правото, на зајакнување на економијата, на градење квалитетно образование и здравство, тогаш сите со огромно задоволство „ќе се послужат со македонското овошје“, бидејќи очигледно им го сервиравме на тацна.