Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изминатата недела имавме нов состанок, четврти по ред, со официјални административни лица на ЦЕВ, дојдени да проверат како се одвиваат работите и до каде сме стигнати на организациски план. Од нивна страна е проверено, констатирано и одговорот беше позитивен. Притоа, ни напоменаа дека многу добро знаат со кои проблеми се соочуваат организаторите, а тоа обично се финансиските, но ни укажаа и на една работа, дека ЕП треба еднакво квалитетно да биде организирано од сите кодомаќини, вели Карановиќ

ЗОРАН КАРАНОВИЌ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОФМ, НА ОКОЛУ 200 ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЕП 2023, НА КОЕ МАКЕДОНИЈА Е КОДОМАЌИН

Македонија годинава, од 30 август, ќе биде домаќин на една од групите на 33-то Европско првенство (ЕП) во одбојка за сениори. Во групата Ц во Скопје, македонските одбојкари ќе играат со светската одбојкарска велесила Полска, потоа со Холандија, Чешка, Данска и со Црна Гора, а натпреварите ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“. Првите четири репрезентации од групата ќе се пласираат во осминафиналето. Покрај Македонија, кодомаќини на ова ЕП се и Италија, Бугарија и Израел.
На околу 200 дена до почетокот на ЕП 2023, за тоа како се одвиваат подготовките околу организацијата, плановите и шансите на црвено-жолтите на континенталниот шампионат, разговаравме со генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ.
– На јубилејот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), инсистиравме на максималнo коректна организација од страна на сите четири држави домаќини на ова Европско првенство. Изминатата недела имавме нов состанок, четврти по ред откако ја добивме кандидатурата, со официјални административни лица на Европската одбојкарска конфедерација, дојдени да проверат како се одвиваат работите и до каде сме стигнати на тој организациски план. Од нивна страна е проверено, констатирано и одговорот беше позитивен. Притоа, тие ни напоменаа дека многу добро знаат со кои проблеми се соочуваат организаторите, а тоа обично се финансиските, но ни укажаа и на една работа, а тоа е да знаеме дека Европското првенство годинава треба еднакво квалитетно да биде организирано од страна на сите кодомаќини – вели Карановиќ.
Подготовките на репрезентацијата ќе почнат во почетокот на мај за деби-настапот во Златната европска лига.
– Имаме изготвено проект за ова Европско првенство, во кој прво имаме презентација на државата, потоа на градот Скопје, на македонската одбојка, а на крајот на Федерацијата и на играчите. Има, но и нема време, па останува да се затвори целосно финансиската конструкција како најтежок дел од организацијата. Викендов почнаа националните првенства во сите категории, мажи и жени, а ќе завршат до крајот на април со сите оние разигрувања, така што фактички подготовките на репрезентацијата за Европското првенство ќе почнат околу 2-3 мај, со подготовките и учеството на сениорската репрезентација првпат во Златната европска лига, која почнува на 27-28 мај, со мечот против Украина на гостувањето во Полска. Сениорките првпат годинава ќе играат во Сребрената европска лига. Фокусот ќе биде ставен на ЕП во Скопје. Во тој правец веќе стапивме во контакт со колегите од грчката федерација со кои начелно се договоривме да одиграме пријателски средби и кај нив и кај нас на десетина дена пред почетокот на нашата група. Европското првенство почнува на 30 август, репрезентациите доаѓаат во Скопје на 28 август, а 10 дена претходно ќе го одржиме и традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ – вели Карановиќ.

Околу ривалите и шансите на македонската репрезентација на ЕП 2023, Карановиќ е оптимист.
– Шансите за пласман во втората фаза, односно меѓу првите четири селекции во нашата група што одат понатаму реално ги гледам во првите две кола, односно со Данска и со Црна Гора, и ако тргне добро за нас, а верувам во тоа, зошто да не ја совладаме и Чешка во последното коло, која сезонава има подмладен состав. Апсолутен фаворит е, секако, Полска, а рамо до рамо до нив е Холандија, силна репрезентација и во подем, која очекува преку ова ЕП да се врати во врвот каде што беше некогаш, односно кога играше во финалето против Италија на Летните олимписки игри во Барселона, во 1992 година – вели Карановиќ.
Според Карановиќ, играчкиот состав на репрезентацијата се очекува да биде стандарден, но во подготвителниот период шанса ќе добијат и играчите од домашниот ирачки состав.
– Таа приказна околу играчкиот состав е одамна етаблирана. Ние немаме состав од 50 играчи, па да размислуваме кој ќе игра. Важно е сите да бидат здрави и подготвени за игра. Секако и на дел играчи од домашното првенство ќе им се даде шанса во подготвителниот период. Дефинитивно сум убеден дека оваа репрезентација игра подобро дома отколку на гости, а предноста на домашниот терен не е за потценување. Се надевам дека со позитивна енергија и сплотеност ќе направиме добар резултат – изјави Карановиќ.
Македонија дебитира на европските првенства во 2019 година и на премиерниот настап, во групата што се играше во Љубљана забележа две победи, од кои една против подоцнежниот европски вицепрвак, Словенија. Потоа настапи на Европското првенство што во 2021 година се играше во Полска, Чешка, Естонија и во Финска, така што организација на една од групите на ЕП 2023 значи дека Македонија третпат во низа ќе биде дел од финалниот турнир.


В петок почнува продажбата на влезниците за ЕП 2023

Публиката е еден од факторите што секогаш играл значајна улога на натпреварите, а во Скопје, на годинашното Европско првенство (ЕП) во одбојка за сениори, се посакува таа да биде во што поголем број во бодрењето на црвено-жолтите.
– Расписот за Европското првенство е веќе објавен и секако дека очекуваме повеќе публика во СЦ „Борис Трајковски“, но работата е интересот за ова ЕП да биде многу порано, а не на два дена пред почетокот. Притоа, предвидени се и придружни манифестации, рекламни спотови и други изненадувања. Од 10 февруари почнува продажбата на влезниците, а на овој план веќе постигнавме заеднички консензус околу тоа која репрезентација колку влезници и од која зона ќе добие за нивните навивачи, а секако најмногу ќе има за нашата репрезентација. Време има, но и нема, но успешна кампања и афирмација на еден спорт не може да се направат без помош на државата. ЕП е голем организациски залак, но ние ќе успееме машки да го сработиме тоа – рече Карановиќ.


Златната европска лига е нов предизвик

Одбојкарската репрезентација на Македонија досега четири пати настапи во Сребрената европска лига, трипати беше втора и еднаш четврта. Сега ќе игра скалило погоре.
– Во Златната европска лига, секако, ќе биде потешко, но, сепак, добро е да видиме до каде ни се можностите со најдобрите европски селекции и, секако, притоа некои работи во нашата игра да се коригираат. Тука мислам и на Хрватска, која е со нас во иста група и ќе го организира овој настан од 16 до 18 јули, со набиена динамиката од три натпревари за три дена, но ние сме навикнати на тоа. Сепак, добро е да видиме какви ни се можностите – вели генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ.


ЕП 2023, СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

А: Италија, Швајцарија, Србија, Германија, Белгија, Естонија
Б: Бугарија, Финска, Словенија, Украина, Хрватска, Шпанија
Ц: Македонија, Црна Гора, Полска, Холандија, Чешка, Данска
Д: Израел, Романија, Франција, Турција, Португалија, Грција

[email protected]