Виша сила

Очигледно Гоце, и денес по 151 година, сѐ уште е битен фактор, па таму горе кај што се движат вишите сили успеал да ја нареди работата токму во најпотребниот момент да снема струја на Деве Баир. Да нема струја токму во тој период за да можат луѓето запалени да дојдат во Скопје на снежната идила доволно да се оладат. А потоа, оладени и релаксирани, ако веќе дојдат до „Свети Спас“ да не им ни текне да прават какви било испади, а не пак да ги повторуваат мачните сцени од пред некое време кога на кејот на Вардар се обидуваа да испровоцираат инцидент

Помина и таа сабота, 4 февруари. Во вонредни околности го одбележавме 151-от роденден на Гоце Делчев, со сите можни церемонии и протоколи. Додуша, на моменти се добиваше впечаток дека во целиот хепенинг наметливо се туркаат во прв план оние што колку до вчера и не знаеја каде точно е црквата „Свети Спас“. Поточно, оние што лани заборавија дека е јубилејна – 150-годишнина. Но тоа е наш, веќе добро познат рецепт. Не гледај што било или кој што зборувал лани, гледај сега и тука.
А за љубителите на балканската зачадена кујна, добро е познат и бугарскиот рецепт. А тој е – во секоја манџа, мора да има македонска запршка. Па така, со денови слушавме најави, ветувања, закани, заклетви и што ли уште не. Безмалку цела бугарска политичка „елита“, предводена од она човечето што со нацистички поздрав им салутираше на басамаците во Брисел, најавуваше дека ќе дојде во Скопје да ни каже дека „Гоце е нивен“.
Јавноста оправдано се вознемири, оти свежи беа сликите од славењето во чест на жената што упорно ја претставуваат како бугарска хероина и од реакциите на македонската јавност по тој повод, што претпоставуваше дека овој пат нема да се покажеме како добри домаќини ако агресивните гости продолжат со своите провокации. Но како што деновиве одминуваа, софиските „јунаци“ почнаа да се ладат и да им текнува дека баш во саботата имаат закажано на забар, дека треба да одат на посета кај тештата, дека немаат зимски гуми…, па не било во ред да сметаат на нив нивните истомисленици. Дури и ги охрабруваа оние запаленковци што се силеа на социјалните мрежи, порачувајќи им бездруго да ги пренесат и нивните пораки, оти, нели, од нивните зборови ние овде безмалку немаме сон.

И тргнаа тие што останаа најзапалени да дојдат во Скопје. Возеа, возеа и дојдоа до Деве Баир. А таму, спуштена рампа. Нема струја, паднал системот за контрола на патните исправи. Се случува, не е првпат, како што убаво рече еден од возачите на камиони што секојдневно ја минува границата и кој и самиот бил честопати бил сведок на иста ситуација. Но тоа како да беше знак некои од оние 150 бугарски државјани што се наредија со автомобилите за да влезат во Македонија да покажуваат знаци на нервоза. Најнапред да негодуваат, потоа да излезат од автомобилите, за на крајот да влезат во директен контакт со полицијата. Епилогот е познат, тројца потенцијални гости завршија приведени во пограничната зграда, поради најпогрдни навреди упатени кон службениците и обид за физичка пресметка.
Интересна беше реакцијата на бугарскиот министер за внатрешни работи, кој целиот настан од Скопје го прокоментира цинично, најавувајќи донација од генератори за струја за трите македонски погранични премини кон Бугарија за во иднина да не се повторуваат вакви непријатни ситуации.
Во крајна линија, тоа е реакција што и треба да се очекува – да се одговори цивилизирано, без никакви закани или демонстрирање сила, па дури и кога ќе се сврти целата ситуација во блага иронија, тогаш тоа изгледа симпатично. Ако ништо друго, барем во Скопје, човекот покажа дека е над ситуацијата, па за разлика од некои негови сонародници, не слушнавме ниту некакви закани, ниту пак разгорување какви било страсти.

Ако ја земеме предвид и неговата изјава дека тој лично на двајцата најгласни провокатори во изминатиов период, Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов, им кажал да не доаѓаат во Скопје, тогаш навистина има надеж дека и од Софија знае да дувне топол ветер.
Токму таков ветер што беше неопходен да дувне во саботата наутро, па да не доаѓа до несреќното исклучување на струјата предизвикана од виша сила. Очигледно Гоце, и денес по 151 година, сѐ уште е битен фактор, па таму горе кај што се движат вишите сили успеал да ја нареди работата токму во најпотребниот момент да снема струја на Деве Баир. Да нема струја токму во тој период за да можат луѓето запалени да дојдат во Скопје на снежната идила доволно да се оладат. А потоа, оладени и релаксирани, ако веќе дојдат до „Свети Спас“ да не им ни текне да прават какви било испади, а не пак да ги повторуваат мачните сцени од пред некое време кога на кејот на Вардар се обидуваа да испровоцираат инцидент.
Денеска е веќе понеделник. Страстите барем за некое време се смирија. Дали во иднина ќе слушаме и ќе гледаме релаксирани политичари што знаат во даден момент да ја свртат на иронија и помирливи тонови или, пак, ќе продолжи веќе здодевната и многупати досега повторуваната салва од навреди и закани кон Македонија и Македонците, останува да видиме. И да се надеваме дека Гоце, таму горе, веќе доволно добро ги има усогласено работите со вишата сила, да ни се најде и во иднина.