Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА

Примож Роглич го престигна Ремко Евенепул и победи во спринт за да стигне до победа на осмата етапа на велосипедската грантур-трка Вуелта во Шпанија. Роглич го помина својот ривал во последниот свијок пред да победи на етапата долга 165 километри.

Американецот Сеп Кус беше на седмото место, но остана во водство во генералниот пласман на трката. Кус сега води во поредокот со 43 секунди пред Шпанецот Марк Солер, а Французинот Лени Мартинез со една минута заостанување на третото место. Ланскиот победник на оваа трка, Евенепул, потоа трикратниот шампион на Вуелта, Роглич (2019, 2020 и 2021 година) и победникот на Тур де Франс за лани и за годинава, Јонас Винегард, се на шестото, седмото, односно на осмото место во генералниот пласман, откако зад Кус заостануваат повеќе од две и пол минути. Вчера се возеше деветтата етапа, ридска, во должина од 184,5 км, а денеска е првиот слободен ден.

Вкупен пласман по осум етапи: Сеп Кус, Марк Солер (плус 43 секунди), Лени Мартинез (плус една минута), Ваут Пулс (плус 2:05 минути), Микел Ланда (плус 2:29 мин.), Ремко Евенепул (плус 2:31 мин.), Примож Роглич (плус 2:38 мин.), Јонас Винегард, Енрик Мас (двајцата плус 2:42 мин.), Хуан Ајусо (плус 2: 52 мин.).