За професионалните скијачи, привлечноста на снегот е потрага што ги надминува границите и годишните времиња, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Со оглед на тоа што сезоната 2023/2024 се приближува многу брзо, неколку репрезентации решија да патуваат на јужната хемисфера за да ги искористат зимските услови, додека летото уште е во полн цут во Европа.

ФИС ја пренесе возбудата на спортистите, која може да се почувствува и на социјалните мрежи, каде што секојдневно се објавуваат фотографии и видеа од глетки што го одземаат здивот. Така, репрезентативци на Швајцарија, Австрија, Италија и на Хрватска се во Аргентина, на Австрија, Франција и на Норвешка се во Чиле, на Норвешка и на САД во Нов Зеланд…

Континенталниот куп е во тек и тоа е можност некои спортисти да соберат неколку добри резултати пред зимата. Победи забележаа, на пример, во велеслалом Американките Еј Џеј Херт и Ава Саншајн, Данецот Кристијан Борњаес и Швајцарецот Фадри Јанутин. Следните денови се закажани и трки во слалом.