ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (265)

Иса Аслани (2)

Во текот на активното занимавање со атлетиката Аслани доби големо искуство, кое потоа им го пренесуваше на своите атлетичари.
Основач е на клубот Теута во Куманово во 1993 година. Преку неколкуте книги и брошури, практиката е преточена во теорија

Атлетската кариера на еден од најталентираните атлетичари што се појави на патеката кон крајот на 60-тите години од минатиот век, Иса Аслани, можеби ќе беше поуспешна доколку не му дадеше приоритет на учењето. Вака, факултетот, кој бараше не само седење во клупа и учење туку и многу физичка активност, која беше вткаена во наставната програма, не му дозволуваше да го дава својот максимум на тренинзите и на трките. Со оглед на тоа што се работеше за факултет за физичка култура, од една страна тоа беше добар избор, но од друга, пак, на тренинзите и во трките чувствуваше исцрпеност од секојдневните физички активности, содржани во програмата на часовите по гимнастика, атлетика, пливање, боречките спортови.
– Беше напорно, но кога пред себе си поставив две цели, атлетиката и учењето, бев свесен оти во двете области и покрај маките мора да успеам. Тој фанатизам како да ме носеше напред и просто двете работи ги чувствував како една. Можеби затоа и натаму бев присутен на атлетската патека, а на факултетот најчеста оценка ми беше десетката – вели Аслани.

БРЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА ПО ПРОМЕНА НА ДИСЦИПЛИНИТЕ

Аслани имаше среќа што професор по атлетика на ДИФ му беше светски познатиот тренер д-р Драган Петровиќ. Тој беше длабоко навлезен во својата работа и на југословенската атлетика ѝ подари многу асови предводени од легендарниот рекордер на долги патеки Дане Корица. Петровиќ беше човекот што придонесе кај Аслани да дојде до брза трансформација од трките на средни патеки во спринтерските дисциплини.
– Во текот на наставата, а и честите тренинзи со Корица, тој како да виде нешто ново кај мене. Еден ден Петровиќ ми пријде и ми рече: Иса добро би било да се испробаш и во спринтот, особено на 400 метри, зашто гледам колку си брз, експлозивен и издржлив, карактеристики типични за 400-метрашите. Не размислував многу. Штом професорот вели така, го прифатив предлогот и станав спринтер. Тоа беше големо изненадување, особено за оние што добро ме познаваа во Македонија и, веројатно, се прашуваа што е работава со Иса? За среќа, трансформацијата не траеше долго. Имаше драстична промена во тренингот, но тоа не ми претставуваше проблем, зашто физички бев подготвен да одговорам на сите перформанси што ги бараше спринтерскиот тренинг – вели Иса.

И навистина оваа промена ги даде првите резултати. Делницата беше кратка, за да го зафати криза, која често се јавуваше кај тркачите, особено на средните и на долгите патеки.
– Што се однесува до кризата што може да дојде кај секој, дури и кај најистренираните атлетичари, се сеќавам само на еден таков момент, и тоа во трката на 1.000 метри на меморијалот „Ханжековиќ“ во Загреб. Тогаш малку недостигаше тежината што ја почувствував уште по првите 400 метри да биде причина да не дотрчам до целта. Но тогаш ме фати некој инает и си реков, е нема да попуштам, ќе газам докрај. И така беше, поминав еден тркач, па уште еден, па една група од неколкумина и дојдов во позиција на последните 200 метри да се борам дури и за место на пиедесталот. Повторно си помислив: Иса, кога можеше од работ на амбисот да дојдеш до борба за медал, сега искористи ја последната шанса. Собрав сили, поминав уште еден ривал и напред остана само еден Кубанец. Во финишот и него го стигнав и за гради прв ја пресеков лентата на целта. Тоа беше нешто неверојатно, победив, а Кубанецот остана да се чуди како по големата предност што ја имаше, можеше да ја загуби веќе добиената трка – вели тој.

ОЛИМПИСКИ КАНДИДАТ ЗА МИНХЕН

Во трките на 400 метри поранешна Југославија во името на Иса Аслани доби нов квалитетен 400-метраш. Уште во првите настапи во новата дисциплина се виде оти потегот за преквалификација беше добар и ги даде првите резултати. Аслани во неколку трки на 400 метри во низа стигнуваше до едно од првите три места.
– Тоа беше изненадување и за стручњаците, кои во мене гледаа само добар тркач на средни патеки и ништо повеќе. Но им покажав оти имам и спринтерски квалитети. Така ми се отвори една нова перспектива со уште поголем ентузијазам да одам напред. На 400 метри ситуацијата за мене беше поповолна, зашто овде се отвораа четири места за настап на големите приредби преку штафетата 4×400 метри, а не само едно, на пример на 800 или на 1.500 метри. И од тој аспект, кога имаш еден дополнителен мотив, стануваш поангажиран и максимално ги користиш тренинзите за кревање на формата – вели Аслани.

Во овој период, благодарејќи на резултатите, Аслани беше промовиран и во нов член на југословенската штафета. Овде никој не можеше да приговори, зашто атлетиката е егзактен спорт, резултатот е мерлив и тој ти го отвора или ти го затвора патот кон репрезентативниот дрес, трето нема.
– Постојано бев во онаа планирана „четворка“ за ОИ во Минхен, но како за малер во годината пред олимпијадата бев најоптоварен со испити на факултетот, а брзо дојде и датумот за дипломската работа. И тука повторно бев на една крстосница, дали приоритет да ѝ дадам на атлетиката или, пак, на факултетот. Сепак, се одлучив за ова второто, оти гледав подалекосежно на работите и морав да размислувам за мојата егзистенција. Кога дојдов до тука си реков, а зошто во тоа темпо како што ги полагав испитите, таков да не биде и крајот. Полека се оддалечив од атлетиката, но затоа, пак, ја имав дипломата во раце. Таа ми беше утеха за пропуштените шанси на спортското поле – продолжи Иса.

ОСНОВАЧ НА АК ТЕУТА

Минаа студентските години, а атлетиката во Куманово во името на Иса Аслани доби квалификуван тренер, кој требаше да ја продолжи работата на неговиот прв атлетски учител Светозар Аврамовски.
– И покрај тоа што немавме којзнае какви услови, сепак, амбициозно тргнав во создавањето квалитетни атлетичари. Од оваа временска дистанца кога ќе се вратам на тоа време, можам гордо да кажам оти сум бил тренер на три асови во македонската атлетика, Милан Маџгаљ, кој беше долги години рекордер и првак на Македонија на долгите патеки, потоа Јонуз Јонузи, кој стигна до дресот на поранешната држава и Кире Стојановски, кој беше голем талент, но не се доискажа докрај. Покрај нив работев со уште многу други атлетичари, а често бев и во стручниот штаб на македонската репрезентација. Конечно во 1993 година, заедно со некои мои пријатели и поранешни атлетичари бев иницијатор за формирање на атлетскиот клуб Теута, кој и денеска егзистира и со успех настапува на македонката атлетска сцена – вели Иса.

Иако Аслани се докажа како тренер, сепак, приоритет во животот му беше да има сигурно работно место за да ја обезбеди егзистенцијата, оти од тренерската работа во атлетиката не можеше да се живее. Затоа кога му се укажа првата шанса за посериозно вработување, не сакаше да ја испушти. Тој стана професор на Факултетот по физичка култура на Универзитетот во Тетово. Колку беше ценет како квалитетен професор и вреден човек, најдобро зборува и фактот што во два мандата од 2009 до 2015 година беше декан на Факултетот за физичка култура при ДУТ. Во меѓувреме во 2007 година во два циклуса беше предавач на Факултетот за спорт на Универзитетот ФОН.
– Работните ангажмани малку ме оддалечија од тренинзите со атлетичарите на Теута, но никогаш не ги напуштив. Секој слободен миг бев со нив, со клубот и со репрезентацијата. Така ќе биде и во иднина, зашто со годините се намалија и работните обврски. Сѐ на сѐ, среќен сум од она што го сторив како тренер, но и како професор. Низ мои раце минаа голем број студенти, им бев ментор на многумина од нив на патот кон магистратурата, а потоа и одбраната на докторската дисертација – рече Аслани, човекот што се запиша и во македонската атлетска историја.

И уште нешто, за да не останат работите скриени само во него, тој благодарејќи на долгогодишното искуство објави и пет книги со спортска тематика, од кои четири се посветени на атлетиката. Зарем може човек да посака нешто повеќе? Нема сомнение оти Иса Аслани и покрај тешките услови во спортот со кој се занимаваше, атлетиката, имаше плоден живот и даде голем придонес за нејзиниот развој во Македонија.
Во следниот понеделник ќе можете да го прочитате второто продолжение за македонскиот параолимпиец во стрелаштво Ванчо Каранфилов.