Фото: З.А

Деновиве на еден од ѕидовите на Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, екипа на сликари од Скопје и Прилеп го изработува првиот мурал на овој објект лоциран во центарот на градот и прв мурал воопшто во градот насликан после 40 години. Според планираната динамика екипата што го изработува овој мурал планира истиот да биде завршен до средината на следната недела.

– За прв пат на Центарот за култура „Кочо Рацин“ ќе биде насликан мурал со работен наслов „Оро“, кој го симболизира македонскиот фолклор со сета негова убавина. Муралот го изработуваат сликари специјализирани за ѕидно сликарство од Скопје и Прилеп и во наредните неколку дена очекуваме истиот да го добие финалниот изглед, а центарот на Кичево да добие прекрасен ѕиден цртеж – истакнаа од Центарот за култура во Кичево.

Инаку првите мурали во Кичево беа насликани пред половина век по повод поетската манифестација „Курирче“, во чија чест на повеќе згради во средиштето на градот беа насликани мурали со тематика од НОВ и други актуелни содржини кои под забот на времето од година во година се повеќе се бришат и ако во догледно време не се преземат чекори за нивна ревитализација, може да се очекува и целосно да го загубат својот некогашен изглед.

З.А