Узбекистан првпат е машки олимписки првак (рангиран на 14-та позиција пред почетокот на ШО 2022), меѓу 187 селекции, а кај жените вторпат триумфира Украина (рангирана на второто место), меѓу 161 репрезентација

ОЛИМПИЈАДА ВО ЧЕНАИ

Македонската машка репрезентација го освои 70-то место, а женската репрезентација е на 62-то, на 44. Шаховска олимпијада (ШО), која заврши вчера во индискиот град Ченаи. По 11 кола, шахистите, рангирани на 61-то место пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), меѓу 187 селекции, освоија 12 бода (24,5 поени по табли) со пет екипни победи, четири пораза и две ремија, па имаат за девет места послаб пласман од почетниот. Шахистките, пак, рангирани на 71-то место (1.863), меѓу 161 репрезентација, впишаа 12 бода (22 по табли), со шест победи и пет пораза, и имаат девет места подобар пласман од почетниот.
Во 11-то коло, шахистите, кои 14-ти пат настапија на ШО, одиграа нерешено 2-2 со Салвадор, рангиран на 88-то место (просечен рејтинг 2.222 поени). Шахистките на своето 13-то учество, во тоа коло беа поуспешни од Јапонија, рангирана на 92-та позиција (просечен рејтинг 1.656 поени), совладувајќи ја со 3,5-0,5.

Узбекистан првпат е олимписки шампион во машка конкуренција (рангиран 14-ти пред ШО), со 19 бода (33 по табли), втора е Ерменија со 19 (28,5), а трета е втората селекција на Индија со 18 бода (32,5). Во женска конкуренција, вторпат титулата ѝ припадна на Украина со 18 бода (30,5), втора е Грузија со 18 (29), а трета Индија со 17 (29).
Од македонските шахисти, Станојоски освои 5,5 поени од 10 партии, Ристески 4/9, Лазов и Николовски 6,5/10 и Велјаноски 2,5/5. Кај шахистките, Стојковска имаше резултат 3/9, Манова 5,5/10, Николовска и Ефтовска по 5/9 и Жежовска 3,5/7. Од тие што сега настапија во Ченаи, најмногу учества има Звонко Станојоски (девет). Македонија на ШО нема екипен медал, па останаа трите во поединечна конкуренција. Недев во 1996 година во Ереван освои бронза играјќи како прва резерва, Драгољуб Јаќимовиќ се закити со злато во 2000 година во Истанбул на третата табла, а Владимир Георгиев освои сребро во 2004 година во Калвија. Г.И.