Без оглед што Милков во изјавата наведува дека пишаниот документ со задачите и одговорностите ќе се однесува на бугарските институции што ќе учествуваат во преговарачкиот процес со Македонија, јасно е дека истите тие институции овие задачи и одговорности само ќе ги проследуваат до македонската страна, која ќе мора да ги исполни ако сака да напредува во евроинтегративниот процес. Дополнително загрижува фактот што кога веќе на првиот ден новиот министер најави писмен документ со задачи, тогаш прашање е уште колку вакви пишани документи со задачи и одговорности ќе се појават низ целиот преговарачки процес на земјава со ЕУ

Уште непочнат скринингот, Бугарија ќе утврдува нови работни задачи и одговорности за нас!?

Новиот бугарски технички министер за надворешни работи Николај Милков само што стапи на должноста директно ги потврди сите предупредувања што пред прифаќањето на францускиот предлог ги даваа овдешните познавачи на европските процеси, кои јасно кажаа дека Македонија со прифаќањето бугарските условувања да станат дел од преговарачката рамка со Европската Унија, всушност, прифаќа бугарски диктат во евроинтеграциите.
И додека македонските власти ја убедуваа јавноста дека тоа не е така и дека се надминати недоразбирањата и блокадите со Бугарија, се чини дека министерот Милков сето тоа го демантира и јасно кажа кои се вистинските намери на Софија.
– Во нашите односи со С Македонија, ние сме во фаза кога, пред сè, мора да обезбедиме координација на различни институции, за ова треба да донесеме можеби писмен документ што ќе ги дефинира задачите на различни институции, организации, во однос на тоа што треба да се направи во иднина во нашите односи со Северна Македонија за да се постигне систематски пристап, јасно да се напишат задачите и одговорностите, за да може да се очекуваат и резултати – истакна Милков по преземањето на функцијата од доскорашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска.
Ако внимателно се анализира изјавата на Милков, два збора јасно одѕвонуваат во неа – задачи и одговорности, кои не се однесуваат на никој друг, туку исклучиво на Македонија, која ќе мора беспоговорно да ги исполнува задачите наложени од бугарските институции, а истовремено да преземе одговорност ако нешто не е исполнето.
Без оглед што Милков во изјавата наведува дека пишаниот документ со задачите и одговорностите ќе се однесува на бугарските институции што ќе учествуваат во преговарачкиот процес со Македонија, јасно е дека истите тие институции овие задачи и одговорности само ќе ги проследуваат до македонската страна, која ќе мора да ги исполни ако сака да напредува во евроинтегративниот процес.
Дополнително загрижува фактот што кога веќе на првиот ден новиот министер најави писмен документ со задачи, тогаш прашање е уште колку вакви пишани документи со задачи и одговорности ќе се појават низ целиот преговарачки процес на земјава со ЕУ, кој, според најоптимистичкото сценарио, би траел најмалку 15 години.

Македонија започна преговори со Бугарија, не со ЕУ

Колку и да се обидува некој да релативизира и да тврди дека Македонија го започнала евроинтегративниот процес, по ваквите најави од Софија станува јасно дека земјава всушност започнала преговори со Бугарија, а не со ЕУ.
Можеби е краен момент политичките субјекти во земјава да седнат и да ја прекинат оваа фарса наречена евроинтеграции и да побараат од Брисел вистински преговори, во согласност со европските критериуми, истите оние под кои преговарала Бугарија со Унијата.
Ако Брисел продолжи да инсистира на веќе започнатиот процес, тогаш најмалку што може е Македонија да побара реципроцитет, односно ако се внесат Бугарите во македонскиот устав, тогаш и Бугарија да го промени уставот и да го внесе во него македонското малцинство. Ако Софија инсистира на отворање на досиејата од 1945 до 1991 година, тогаш и таа да ги отвори своите архиви за македонските органи. Истото тоа се однесува и за интервенциите на учебниците. И македонската страна да може да интервенира во бугарските учебници, односно од нив да не се брише светски потврдената историска вистина, дека Бугарија во Втората светска војна била на страната на фашистите и ја окупирала Македонија, при што извршила голем број злосторства врз цивилното население, вклучувајќи ја и депортацијата на повеќе од 7.200 Евреи од земјава во логорите на смртта во Треблинка.
Несомнено, изјавите на Милков доаѓаат како еден вид брзо отрезнување по европскиот занес што завладеа кај дел од политичките субјекти во земјава, кои сега појасно гледаат дека Софија нема толку лесно да се откаже од можноста што ѝ се укажа да ги наметне своите услови за Македонија, особено не сега, кога е целосно поддржана од ЕУ.
Аналитичарите сметаат дека бугарските уцени никогаш нема да завршат и дека Македонија ќе се соочи со исклучително болен процес во текот на преговорите.
– Зарем некој има илузии дека станува збор за чиста коинциденција помеѓу новите бугарски најави за нови бугарски услови и зачестената употреба на придавката „северномакедонски“ и националната ознака „северномакедонци“ од претставници на меѓународната заедница? На дело е „бугаризација преку европеизација“ и создавање некаква нова „северномакедонска нација“, составена од Бугари, Албанци, Турци, Роми, Власи и други. Најлесен начин за решавање на „македонското прашање“ е исчезнувањето на Македонците од националната, етничката и културната карта на светот – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски.
Според него, еден дел од тој план е и заплашувањето на Македонците по етничка линија и зачестените етношовинистички испади на дел од албанските „интелектуалци“, за кои изостанува осуда и во домашната и во меѓународната јавност.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски категорично тврди дека преговарачкиот процес за Македонија ќе биде исклучително болен, а новите условувања што ги најави техничкиот министер Милков само покажуваат дека Бугарија е решена во овој процес на принуда да оди докрај.

– Ние сè уште немаме некаква рамка, сè е некако општо, што значи дека тие можат да нè возат како што сакаат и да бараат од нас што ќе им текне, што е многу лошо. Дури и технички министер си зема за право да си ја билда својата позиција врз грбот на Македонија. На сите ни е јасно дека ние прво треба да го смениме Уставот, а кога ќе го смениме Уставот ќе следуваат некои нови други барања и тоа нема да има крај. Овој процес на приклучување кон ЕУ ќе биде многу болен за нас, а задачите и одговорностите ќе бидат врз нас. Не очекувам ништо добро од целата работа – констатира Пекевски.
Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека не требаше да се прифаќа францускиот предлог, бидејќи се покажува дека Бугарија во никој случај нема да се откаже од намерата да ги наметне своите уцени во текот на преговорите на земјава со ЕУ, а тоа го покажува и на дело.
– Ние немаме шанси да влеземе во ЕУ во следните 30 години, а прифаќаме обврски Бугарите постојано да нè контролираат и во целиот тој процес да си ги погазиме историјата, корените, потеклото и сè што имаме. На овој начин, всушност, ние самите се блокираме, а ако нешто одбиеме, ѝ даваме аргументи на Бугарија да нè блокира. Ние само си ја копаме дупката уште подлабоко. Немаме национална стратегија преку која ќе се утврдеше кои се црвените линии преку кои нема да помине ниту еден политичар. Чудно ми е зошто интелектуалците не реагираат, но веројатно разочарани од претходните искуства, сега не сакаат да се експонираат. Повеќе нема ниту критична маса во земјава, ние сме целосно разнебитени – заклучува Давидовиќ.


МНР: Нема нови обврски надвор од протоколот

Нема подготовка на нови заемни документи меѓу Скопје и Софија надвор од договореното во билатералниот протокол, велат од македонското МНР, по дилемите што се наметнаа во јавноста во врска со изјавата на техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, дека Софија подготвува писмен документ со обврски за бугарските институции во однос на дијалогот со Македонија.
– Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот протокол, кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања – се наведува во соопштението на македонското МНР.