На Европските игри во Краков засега настап обезбедија Дејан Георгиевски, Филип Додевски, Анамарија Георгиевска, Милијана Релиќ, сите во таеквондо, каратистот Емил Павлов, а имаме обезбедено и две места во веслање, чии имиња очекуваме да ни ги соопшти Веслачката федерација на Македонија, вели спортскиот директор на МОК, Богоевски

Македонија на третите Европски игри (ЕИ), кои треба да се одржат во полскиот град Краков летово, засега има седум обезбедени норми, од кои четворица таеквондисти, двајца веслачи и еден каратист.
– На Европските игри во Краков засега настап обезбедија сребрениот од Летните олимписки игри во Токио, Дејан Георгиевски, потоа Филип Додевски, Анамарија Георгиевска и Милијана Релиќ, сите во таеквондо, потоа двократниот европски првак, каратистот Емил Павлов, а имаме и две места обезбедени во веслање, чии имиња очекуваме да ни ги соопшти Веслачката федерација на Македонија. Другите ќе зависат од квалификациските турнири – ни изјави спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски.
На првите ЕИ одржани во 2015 година во Баку (Азербејџан), Македонија настапи со 12 спортисти, а бронзени медали освоија каратистите Павлов и Мартин Несторовски.
На вторите ЕИ, во 2019 година во Минск (Белорусија), учествуваа 45 спортисти од Македонија, но без освоен медал. Сега на третите ЕИ, каде што уште траат натпреварите за обезбедување норми, ситуацијата е поинаква во однос на претходните ЕИ, што се однесува до тоа како ќе се обезбедува норма за Краков.
– Во Краков ќе има натпревари во 27 спорта. Од нив 19 се и квалификации за Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, а 12 спорта се од европски квалификации. Сега не е веќе како порано, која држава колку сака да испрати спортисти за ЕИ – вели Богоевски.
Македонија засега има седуммина стипендисти за ЛОИ 2024 во Париз. Тоа се Дејан Георгиевски, Филип Додевски, Анамарија Георгиевска (таеквондо), Магомедгаџи Нуров, Владимир Егоров (борење), Дарио Ивановски (атлетика) и Борјан Бранковски (стрелаштво). Г.И.